Најмладите од градинката „Јасна Ристеска“ испратија новогодишни пораки за безбеден сообраќај

Со денешната активност „Новогодишни пораки за безбеден сообраќај“, општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата на град Охрид, ја заокружи работата за 2016 година.

Денес, во рамките на предновогодишната програма на Градскиот плоштад, во соработка со детската градинка „Јасна Ристеска“, најмладите ги испратија новогодишните пораки до сите учесници во сообраќајот. Тие, со испишани пароли за поголема безбедност и внимателност во сообраќајот, излегоа на сцената и на возрасните им упатија серија пораки со кои, од возачите на автомобили и другите учесници побараа поголема совесност и одговорност во сообраќајот. Во пресрет на Новогодишните и Божиќните празници, најмладите како најранлива категорија учесници во сообраќајот, искажаа надеж дека нивните пораки ќе допрат длабоко во свеста на секој возач. Со тоа, најмладите уште еднаш го дадаоа својот придонес во подигнување на безбедносната култура, пред се кај возачите на автомобили. Тие апелираа за постигнување на крајната цел-подигнување на јавната свест на возачите за зголемување на безбедноста на децата како учесници во сообраќајот, а со тоа и намалување на бројот на деца жртви во сообраќајни несреќи.

0003

„Вози внимателно – ти си одговорен“, !Детската љубов нема граници, детскиот живот нема цена“, „Биди совесен возач“, „Безбедното возење спасува многу детски животи“, „Внимавај на децата во сообраќајот“, „Сообраќајот не е игра-учествувај одговорно“, се само дел од бројните пораки што денеска во рамките на предновогодишната програма ги испратија најмладите до возрасните и со тоа посакаа побезбеден сообраќај во 2017 година.

0002

Инаку, во текот на оваа година, Општински совет за безбедност во сообраќајот на град Охрид, реализира дваесеттина едукативни и превентивни кампањи за подигнување на степенот на безбедност во сообраќајот и на безбедосната култура кај сите учесници во сообраќајот. Советот се посвети кон унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата и посебно за едукација на сите категории граѓани-учесници со посебен акцент на ранливите категории во сообраќајот. Нагласено внимание Советот покажа кон најмладите-децата од предшколска возраст и од основните и средните училишта во Охрид со цел да се зајакнат нивните познава- ња за безбедноста во сообраќајот. Советот, во своите активности ги вклучи предшколските и школски установи во општината, соработуваше со службите во локалната самоуправа, јавните претпријатија, полицијата, територијалната против-пожарна единица, велосипедските и мото-клубовите од Охрид, Здружението на пензионери од Охрид и Дебарца, Здруженијата на лица со посебни потреби, Црвен крст, општинскиот сојуз на спортови, НВО, медиумите и други. Со еден збор, Општинскиот совет за безбедност се обиде да ја мобилизира охридската јавност и сите граѓани од најразлична возраст опфаќајќи широк спектар теми од областа на сообраќајната безбедност. Со тоа, Општинскиот совет за безбедност се обиде да даде силен позитивен импулс, најсликовит едукативен придонес и вистинската посветеност кон подигнување на јавната свест за поголема и поефикасна безбедност во сообраќајот и повисока безбедносна култура кај сите граѓани на Охрид.