Претседателот Иванов со честитка до верниците кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до сите христијански верници кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар.

„Почитувани,

Ми претставува особено задоволство во овие празнични денови, на сите верници на Католичката црква во Република Македонија, да Ви го честитам големиот празник на Христовото раѓање – Божиќ.

Божиќ е празник кој го слави раѓањето на синот Божји. На овој празник ја славиме љубовта, надежта и животот. Ова е период од годината кога повторно се навраќаме на основните човекови вредности, кон потребата да бидеме солидарни, хумани и човечни, да му помогнеме на оној кому му е потребна нашата помош.

На крајот на оваа година и на почетокот на Новата година да си посакаме мир во нашите срца, да ги надвладееме суетите и искушенијата од секојдневието и во духот на христијанството и на вековните традиции да си простиме и подадеме рака.

На сите македонски граѓани, кои го прославуваат Рождеството Христово според Грегоријанскиот календар, им посакувам радост и среќа во текот на целата година со традиционалниот христијански поздрав – Христос се роди!“- стои во честитката.