Подгответе се за поларна температура и за снег, предупредува Координативното тело за кризи

Граѓаните да бидат подготвени за период на речиси поларни временски услови со снег, замрзнат дожд и со температура која се очекува да се спушти и до минус 22 Целзиусови степени, како и внимателно да ги планираат патувањата и да не тргнуваат на пат без соодветна зимска опрема, предупредуваат од Координативното тело за справување со кризи.

Според директорот на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), Оливер Ромевски, драстичната промена на временските услови е поради поларен бран од Сибир, кој ќе го зафати целиот Балкански Полуостров.

„Веќе в четврток, со врнежи од снег ќе биде зафатена целата територија на Македонија. На повисоките места тој снег ќе биде и до 50 сантиметри, а на пониските до 25 сантиметри. Ќе дува студен ветер и температурата нагло ќе се спушти под нулата. В петок, сабота и в недела нè очекува дури и дневна температура од минус 10 Целзиусови степени, а ноќната ќе достигне и до минус 22 степени“ – изјави Ромевски, по денешната седница на Координативното тело за справување со кризи.

Директорот на Јавното претпријатие „Македонија пат“, Гајур Кадриу, вели дека нивни екипи, со специјална опрема, се распоредени на 37 пунктови на целата територија на земјата и ќе дежурираат 24 часа, но посочува дека и покрај преземените мерки во вонредни услови, како што предвидуваат метеоролозите, сообраќајот не може да се одвива како по суви коловози.

„Апелираме сите учесници во сообраќајот да бидат опремени со зимска дополнителна опрема, а особено тешките товарни возила кои без зимска опрема и неподготвени не би требало да тргнуваат на пат бидејќи тие се голема пречка при вакви временски неповолности. Сите учесници во сообраќајот треба да внимаваат и да ги почитуваат собраќајни знаци и правила“ – изјави Кадриу.

Извор: meta.mk