Агенцијата за млади и спорт и додели 110 илјади евра на Ракометната Федерација

Ракометната Федерација на Македонија упати голема благодарност до Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија, за финансиската помош во износ од 6,6 милиони денари добиени по основ на новиот Закон за спорт, односно измените во Законот за игри на среќа.

Од горенаведените средства, 6 милиони денари се наменети за настапот на македонската сениорската ракометна репрезентација на Светското првенство во Франција кое ќе се одржува од 11-29 јануари годинава, во неколку градови во Франција, додека 600.000 денари се наменети за организација на квалификацискиот турнир за младата ракометна селекција (У-21) за мундијалот Алжир, кој од 4-8 јануари се одржува во Скопје.

На денешната прес-конференција одржана по овој повод во просториите на АМС, директорот на Агенцијата, Марјан Спасевски изјави:

„Овој договор за финансирање ќе биде практично првата транша на средства определени од Агенцијата за млади и спорт на една од најдобрите македонски спортски федерации, која во изминатиов период покажа и докажа како треба да менаџира со одредени спортови, пред сé еден од најквалитетните спортови во Македонија.“ – истакна Спасевски.

Претседателот на Ракометната Федерација на Македонија, Живко Мукаетов, по повод потпишувањето на Договорот за финансирање на настани организирани од Ракометната федерација на Македонија, истакна дека секоја помош во Федерацијата е добредодена, а овие средства ќе се насочат за поефикасно менаџирање на веќе отпочнати и исклучително значајни проекти за Федерацијата.

„Ваквиот потег претставува дополнителен мотив, особено за репрезентативците кои месецов ќе ги бранат боите на Македонија на Светското првенство во Франција. Покрај тоа, ова ќе ни овозможи и нам како Федерација уште поактивно да бидеме вклучени во активностите на сите помлади категории, а не да бидеме насочени само кон „А“ селекцијата. Периодов ни следуваат организации на квалификациски турнири и други активности, па ова е еден дополнителен импут кон уште посериозен пристап во делот на реализацијата на зацртаните проекти. Покрај сите останати ресурси, за врвен спорт се потребни пари, па поради тоа, неопходно е да постои добра синергија помеѓу државата и спонзорите како значајни помагатели на спортот, за на долг рок да испорачуваме резултати на кои сите ќе бидеме горди. Во таа насока, добро е што како една сериозна федерација, најпосле ќе добиеме една посериозна помош од Агенцијата за млади и спорт. Ние и досега добивавме одредени средства, но над 90% од средствата кои РФМ ги обезбедуваше во текот на годината, беа од приватните спонзори кои се дел од Управниот одбор на Федерацијата. Ние сме мала држава и не може во секој спорт да очекуваме големи резултати. Навистина би било добро најпосле да се направи една сегментација во рамки на организацијата на спортот во Македонија, да се одберат неколку спортови во кои државата поинтензивно ќе инвестира. Така и ние ќе знаеме на правилен начин да ги искористиме средствата вложени за развој на ракометот“, истакна Мукаетов, потенцирајќи дека Ракометната федерација на Македонија годинава има многу сериозна програма, поврзана со активностите на машката и женската сениорска репрезентација и организација на неколку квалификациски турнири во помладите категории, како и Европското кадетско првенство.

Во екот на финалните подготовки за СП Франција 2017, Ракометната федерација на Македонија упатува голема благодарност и до Македонскиот олимписки комитет за финансиската помош од 40.000 американски долари наменети за подготовките на нашите репрезентативци, во пресрет на Светското првенство.