СВР Охрид со безбедносни мерки за Водици

Со цел безбедно и непречено одвивање на манифестациите по повод верскиот празник Богојавление-Водици, Секторот за внатрешни работи Охрид ги презема сите неопходни безбедносни мерки на превентивен и оперативен план.

Мерките на СВР Охрид ќе бидат насочени за зачувување на стабилната безбедносна состојба на целото подрачје во областа на јавниот ред и мир, за спречување на казнени дела и регулирање на сообраќајот.

Денес, полициската станица за безбедност во патниот сообраќај, во Охрид врши известување до сопствениците на патнички и други моторни возила за дислокација на возилата од паркинг местата на улиците „Македонски просветители“, кружен тек на кеј „Македонија“, со „Коста Абраш“, и кеј „Македонија“ со „Кузман Јосифовски“, каде е предвидено поставување на возилата со приоритет како и шатори од Црвениот крст со неопходната опрема.

Во текот на утрешниот ден, за сообраќај ќе биде затворен булеварот „Македонски просветители“ од пресекот со улицата „Партизанска“ кон кеј „Македонија“ додека сообраќајот на булеварот „Македонски просветители“ целосно ќе се пренасочи кон улицата „Партизанска“. Од 7 часот ќе се врши физичко регулирање на овие сообраќајници. Верскиот празник и фрлањето на светиот крст во водите на Охридското Езеро кај градското пристаниште, ќе биде обезбедуван и од полициската станица за граничен надзор за „Охридско Езеро“ со присуство на полициски службеници во патролни полициски чамци.

По повод верскиот празник Богојавление-Водици, полициски службеници ќе вршат физичко и сообраќајно обезбедување на манифестациите и во охридските приградски населби но и во останатите градови на подрачјето на СВР Охрид каде се прославува верскиот празник.