Успешна година на Општинскиот совет за безбеднoст во сообраќајот на Охрид

Општинскиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на град Охрид имаше исклучително успешна година. Во текот на минатата година реализирани се околу 20 проекти и кампањи насочени кон сите целни групи и кон општата јавност, вели претседателот на ОСБСП, Стефан Димоски. По тој повод, денес на пригодна свеченост, во малата сала на Општина Охрид, Општинскиот Совет за безбедност на сообраќајот, на 50 субјекти им додели благодарници за посебен придонес во подигнувањето на свеста за одговорно учество во сообраќајот и сообраќајната култура во 2016 година.

„Целта на овие проекти кои што ги реализиравме со сите партнери на кои што денеска им се заблагодаривме за соработката за подигнување на јавната свест и совест за поголема безбедност во сообраќајот, за подигнување на степенот на сообраќајната култура, за почитување на сообраќајните правила и прописи на сите учесници во сообраќајот, и на тој начин заеднички придонес кон сообраќајна безбедност во Охрид, намалување на бројот на сообраќајните незгоди, и намалување на бројот на жртви и тешко повредени лица. Ние доделивме 50 благодарници, имено со толку субјекти соработува општинскиот Совет за безбедност. Целта е заедничка, гласот и пораката од Општинскиот совет за безбедност да допре до граѓаните, сите заедно мора да се грижиме за поголема безбедност во Охрид“. – истакна Димоски.

Претседателката на Советот на Општина Охрид, Гордана Коњановска се заблагодари за сите активности кои ги има направено ОСБСП во 2016 година и посака 2017 година да биде подобра и поуспешна, односно да имаме побезбеден сообраќај.

„Ова тело е особено значајно поради фактот што ние како држава и Охрид како општина не можеме да се пофалиме со добри статистички бројки во однос на тоа колку сообраќајни незгоди имаме и колку луѓе гинат по патиштата, што значи дека го подига ова тело на едно уште повисоко место. Она што мене ме радува е фактот дека Советот за безбедност преку своите проекти инволвира најразлични структури од општина Охрид, започнувајќи од најмалите преку детските градинки, бројни државни институции, општински установи и тела, бројни невладини организации, и тоа дава надеж дека ефектите од бројните проекти практично ќе ги гледаме во наредниот период кога тие кон кои се адресирани активностите на овој Совет, ќе ги променат навиките и ќе се однесуваат согласно она што било цел на спроведените проекти.“ – рече Коњановска.

WebOhrid