Александар Костоски и Нена Трајчевска – најдобри македонски кошаркари за 2016 година

Македонската кошаркарска федерација ја продолжи традицијата на доделување на признанија на најдобрите поединци и екипи во македонската кошарка. Годинава манифестацијата „Избор на најдобрите во македонската кошарка за 2016“ се одржа во „Сквер 21“ во присуство на многу спортисти, спортски работници, легенди, медиуми и гости на куќата на кошарката.

МКФ додели награди во 14 категории, за изборот на најдобрите во македонската кошарка годинава одлучија новинарите од повеќе од дваесет медиуми во Македонија.

Наградата најдобар кошаркар на Македонија за 2016 година заслужено претседателот на МКФ, Петар Наумоски му ја врачи на првиот асистент во нашето најсилно првенство и еден од најефикасните македонски репрезентативци во квалификациите, Александар Костоски.

Признанието за најдобра кошаркарка на Македонија заврши во рацета на капитенот на шампионот Бадел 1862, најкорисната кошаркарка на првенството и купот Нена Трајчевска.

Секако и годинава изборот на најдобрите започна со доделување на признанијата најдобра млади и млад кошаркар на Македонија за 2016. Лауреати беа нашите млади интернационалци, Матеа Николиќ која настапува во Италија е најдобрата млада кошаркарка на годината во Македонија, а Ненад Димитријевиќ првотимецот на шпанскиот Хувентуд е најдобриот млад кошаркар на Македонија во 2016 година.

Најдобрите младински екипи во 2016 година во машка и женска конкуренција се Вардар односно ЖКК Бадел 1862.

Најдобриот македонски судија во 2016 година е Игор Митовски.

Признанието за најдобар македонски кошаркар кој настапува во странство за 2016 година едногласно го доби членот на европскиот вицешампион Фенербахче, Перо Антиќ. Во негови име наградата од рацета на легендарниот Благоја Георгиевски Буштур ја добија неговите наследници, синовите Лука и Павел.

Трофејот за најдобар тренер во младинска машка конкуренција го доби младиот предводник на Вардар, Ѓорги Кочов, кај дамите најдобар ренер во младинска конкуренција е предводничката на младинските екипи на Бадел 1862 Анета Глигорова.

Македонската кошаркарска федерација во име на добрата соработка им додели благодарници на своите верни спонзорите и помагатели, Туркиш Ерланс, Пекабеско, Пелистерка, АД Окта, Прилепска пиварница, Специјална Болница Филип Втори, АМЦ Компјутери, МОК, АМС, МРТ, Фени Индустри.

Претседателот на МКФ, Наумоски по доделувањето на благодарниците им се заблагодарни на спонзорите, кои во овие тешки времиња ја помагаат кошарката:

„Би сакал да им се заблагодарам на сите спонзори кои во изминатата година во овие тешки времиња и помогнаа на кошарката. Верувам дека во иднина ќе пронајдеме поголеми сили и финансии за кошарката да ја подигнеме на повисоко ниво. Сакам да ја искористам приликата да им честитам на сите и да им посакам дека добивање на награда не е лесно туку е поттик за подобра работа во иднина“. – истакна Петар Наумоски, претседателот на МКФ.

Најдобрите сениорски екипи на Македонија за 2016 година се освојувачите на двојната круна во машка и женска конкуренција МЗТ Скопје Аеродром и Бадел 1862.

Наградата најдобар тренер на годината во Македонија за 2016 година во сенорска конкуренција, кај мажите заврши во рацета на Александар Јончевски кој со МЗТ Скопје А. стигна до двете титули, и на Перо Стамески кој со кошаркарките на бадел го оствари истиот успех.

На „Изборот на најдобрите во македонската кошарка за 2016 година“ во улога на доделуваачи на признанијата на најдобрите покрај претседателот Наумоски се појавија и потпретседателот на МКФ, Сашо Дракуловски, легендите Лазар Лечиќ, Благоја Георгиевски Буштур и Стојна Вангеловска, потоа деканот на факултетот за спорт, Ленче Алексовска Величковска, професорот по кошарка Мирослав Наумоски, генералниот секретар на МОК, Сашо Поповски, претставникот на АМС, претседателот на здружението на тренери Драган Василов, првиот човек на стручниот совет Марјан Лазовски, поранешната репрезентативка Елена Раденковиќ – Врбоска, членот на УО на МКФ Ристо Јаневски и комесарот за натпреварување Владо Цветковски.

Најдобри во Македонската кошарка во 2016:

1. Најдобра млада кошаркарка – Матеа Николиќ.

2. Најдобар млад кошаркар – Ненад Димитријевиќ.

3.Најдобра женска екипа во младинска конкуренција – ЖКК Бадел 1862.

4. Најдобра машка екипа во младинска конкуренција – КК Вардар.

5. Најдобар судија – Игор Митровски.

6. Најдобар македонски кошаркар во странство – Перо Антиќ.

7. Најдобар тренер во женска младинска конкуренција – Анета Глигорова ЖКК Бадел.

8. Најдобар тренер во машка младинска конкуренција – Ѓорѓи Кочов КК Вардар.

9. Најдобра сениорска женска екипа – ЖКК Бадел 1862.

10. Најдобра сениорска машка екипа – КК МЗТ Скопје А.

11. Најдобар тренер во женска конкуренција – Перо Стамески.

12. Најдобар тренер во машка конкуренција – Александар Јончевски.

13. Најдобра кошаркарка на Македонија – Нена Трајчевска.

14. Најдобар кошаркар на Македонија – Александар Костоски.