Иванов на одбележување на празникот Богојавление – Водици во Велес

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов со сопругата г-ѓа Маја Иванова денеска присуствуваа на одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление – Водици во Велес.

Меѓу 49-те православни верници кои денеска влегоа во водите на реката Вардар во Велес, крстот го фати 21-годишниот Влатко Стојанов.

Светиот чин го изврши митрополитот повардарски г. Агатангел во присуство на бројното свештенство и бројните православни верници и граѓани на Велес.

Влатко Стојанов, кој изјави дека прв пат учествува во фаќање на светиот крст, од претседателот Иванов доби подарок македонски крст со охридски рубин. Од митрополитот повардарски г. Агатангел, пак, доби златен крст.

Претседателот Иванов со сопругата г-ѓа Маја Иванова, утрово присуствуваа на богослужбата во црквата „Успение на Пресвета Богородица”, со која чиноначалствуваше митрополитот повардарски г. Агатангел, по што се приклучија на литијата од црквата „Успение на Пресвета Богородица” до пешачкиот мост на реката Вардар, каде присуствуваа на чинот на осветување на водите на реката Вардар и на церемонијата на положување на светиот крст.