Светската атракција од Кина „Гласот на Јунан“ гостува во Скопје и во Охрид

Охридско лето“ со гордост ги претставува концертите на „Гласот на Јунан“ – светската атракција од Кина која го прикажува диверзитетот и восхитувачката уметност на етнички најбогатата кинеска провинција! Овој музички ансамбл од Пекиншката академија на традиционалната музика гостува во Македонија и тоа со два концерти кои ќе се одржат во Скопје, во Македонска опера и балет на 26 јануари и во Охрид, во Центарот за култура „Григор Прличев“ на 28 јануари.

Кинеската музика може да се пофали со историја која се протега и до неколку илјади години во минатото, а токму провинцијата Јунан е позната по исклучително високиот степен на етничка разноликост. Тука припаѓаат најголемиот број на етнички групи помеѓу провинциите на Кина. Од 56-те официјално признати етнички групи на Кина, дури 25 се наоѓаат во Јунан.

Ансамблот „Гласот на Јунан“ е основан од страна на славниот кинески сопран Жин Шиаофенг (Jin Xiaofeng), а како музички директор се потпишува познатиот кинески композитор Зу Ханг (Zou Hang). Перформансот на овој ансамбл претставува своевидна музичка галаксија сочинета од изворните звуци и музиката на етничките малцинства во Јунан.

Концертите на ансамблот „Гласот на Јунан“ во Скопје и во Охрид се во организација на Охридско Лето и презентираат ретко концертно доживување кај нас во автентичниот перформанс изведен од страна на најдобрите фолклорни музичари на Кина.Двата ексклузивни концерти на „Гласот на Јунан“ ќе се одржат во Скопје и во Охрид. Концертот во Скопје е закажан на 26 јануари во Македонска Опера и Балет, додека пак на 28 јануари „Гласот на Јунан“ гостува во Охрид, со концертен перформанс кој ќе се одржи во Домот на културата „Григор Прличев“.

Билетите за двата концерти се веќе пуштени во продажба преку продажната мрежа на МКтикетс со цена од 300 денари за концертот во Скопје и 200 денари за концертот во Охрид.