Одбележан 26-ти јануари – Меѓународниот ден на Царината

Царинската управа на Република Македонија и оваа година се вклучи во одбележувањето на 26-ти јануари, Меѓународниот ден на царината, кој оваа година Светската Царинска Организација го одбележа под мотото “Анализа на податоци за ефективно гранично управување“.

Поаѓајќи од тоа дека, навременото собирање на квалитетни податоци и нивната квалитетна анализа се битна претпоставка за успешно планирање на наплатата на приходите и на операциите, утврдување на приоритети, носење на одлуки и мерење на перформансите, директорката на Царинската управа Радеска Крстевска им додели пофалници од Генералниот секретар на Светската царинска организација, Кунио Микурија на дванаесет царински службеници кои дале значителен придонес во оваа област.

Пофалници на царинските службеници им беа доделени заради придонесот: во успешно дизајнирање на системот на размена на податоци во рамките на SEED земјите партиципанти, нивна анализа и статистика, во анализите за детектирање на ризични точки кои резултирале со успешно спроведени операции во борба против криумчарењето на дрога, тутун и тутунски производи, како и во успешно спроведување на Проектот за мерење на времето за царинење и пропуштање на стоки согласно методологијата на СЦО, кој Царинската управа на Република Македонија, во соработка со СЦО, го спроведе прва од земјите во регионот.

ФОТОГАЛЕРИЈА