Претседателот Иванов со честитка до припадниците на српската заедница по повод празникот Свети Сава

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Свети Сава упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Македонија.

„Почитувани сограѓани,

Дозволете ми, во мое и во името на сите граѓани на Република Македонија, да ви го честитам празникот Свети Сава.

Прославата на Денот на првиот српски архиепископ е можност да се присетиме на делото и на учењето на овој просветител и државник, кој има големо значење за развојот на српската, но и за негувањето и за ширењето на христијанската мисла на овие простори.

Република Македонија е пример на овие простори како се почитуваат и како се прифаќаат етничките заедници, вклучително и српската. Српската заедница во Република Македонија и македонската заедница во Република Србија се гарант за добрите односи меѓу двете пријателски држави. Тие се лојални граѓани на своите држави и посветени родољуби на своите народи кои придонесуваат за развојот и за квалитетот на односите меѓу двете држави.

Република Македонија и Република Србија имаат долга историска и културна традиција која не може да биде нарушена поради различни ставови по некое прашање.

Изминативе години ни покажаа дека онаму каде што постојат различни ставови и мислења, истите треба да ги решиме по пат на дијалог.

Уште еднаш, честитајќи ви го празникот, сакам да ве уверам дека и во иднина ќе продолжиме да ги негуваме меѓусебните односи во духот на добрососедството и блиската соработка меѓу двата народа.

На сите граѓани кои го празнуваат Свети Сава како домашна слава им посакувам добро здравје и бериќетна година.

За многу години празникот.“- стои во честитката.