Општина: Наша обврска е да бидеме транспарентни и отчетни пред граѓаните и пред законот

Во врска со денешното соопштение на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид, во која стои:

„На OO СДСМ Охрид им требаше цел еден ден да состават реакција, по вчерашниот прес на Градоначалникот на општина Охрид Д-р Никола Бакрачески, која во за нив препознатлив стил, освен неаргументирани критики и шпекулации, не можевме да прочитаме ниту еден контра аргумент. Затоа што го немаат. Но, тоа не не изненадува, оддамна сме свесни дека тоа што за граѓаните на Охрид предизвикува восхит и причинува задоволство, кај нив предизвикува најсилна болка и гнев. Исто така познати ни се нивните желби за тотална цензура на медиумите, во кои што би не немало нас, но за жал ќе треба и понатака да читаат за многу нови реализирани проекти, за позитивните трендови на Охрид, за светска промоција каква што заслужува градот и за комплетно подобрување на животот на охриѓани. Тоа е наша обврска, да бидеме транспарентни и отчетни пред граѓаните и пред законот. Затоа уште долго ќе не гледаат. Знаеме дека никогаш не оперирале со статистика, факти, бројки, аргументи, а уште помалку компаративна аналитика, бидејќи во нивниот лексикон освен паушални изјави и чаршиски муабети овие операции и не постојат. По тоа екстремно се разликуваме. Ќе бевме среќни доколку во нивното осумгодишно пустошење на Охрид реализираа барем 10% од она што тие сега го нарекуваат “мини проекти”, наместо нивните мега проекти на хартија врзани со мега финансиски дубиози од кои градот сеуште позема душа.

На ваков убав сончев ден, топло им препорачуваме да излезат на преполните пешачки патеки, рекреативни зони и плоштади кои ги изградивме во Охрид и да се соочаат со реалноста. Освен тоа, да поразговараат со хотелирите, угостителите и туристичките рабтници, тие најдобро ќе ги освестат каков е импактот од туристичката промоција на Охрид.“- стои во реакцијата.