Претседателот Иванов и дипломатскиот кор во посета на Вевчани

Претставниците на дипломатскиот кор, воените аташеа, претставници на меѓународни организации и почесните конзули во Република Македонија во рамки на традиционалниот прием што по повод новогодишните празници го организира Претседателот на Република Македонија д-р Горѓе Иванов, денеска ја посетија општина Вевчани.

Во рамки на посетата на општината дипломатите ги посетија вевчанските извори и црквата „Свети Никола”, како дел од богатото културно-историско наследство на Дримколскиот крај.

„Ова е мошне добра и плодотворна иницијатива на претседателот да организира вакви годишни средби и тоа надвор од главниот град. Тоа за нас е можност да посетиме други места, градови во земјата. Две години сум тука како амбасадор и првпат доаѓам во Вевчани, што само е потврда дека на овој начин не само што имам можност да запознаам нешто повеќе за убавините на Македонија, туку и дека ваквите активности се во насока на дополнителна промоција на туристичките потенцијали на Македонија”, изјави г. Јацек Мултановски, амбасадорот на Република Полска во Македонија.

Според Шефот на Мисијата на ЕУ во Скопје, г. Самуел Жбогар, шеф, ова е одлична иницијатива на претседателот Иванов за вакви средби надвор од Скопје.

„На некој начин не тера да излеземе од главниот град и да ја видиме земјата, да ја запознаеме и да ја засакаме. Не само што имаме можност да прошетаме и да ги видиме убавините на Вевчани, културно-историското наследство, но и да се сретнеме да разговараме со нашите колеги во малку порелаксирана амосфера, што секако ни помага во подобрување на нашите односи во контекст на нашите работни обврски тука”, рече Жбогар.

Градоначалникот на општината г. Цветомир Угриновски изрази задоволство што оваа година претседателот Иванов и дипломатскиот кор се во посета на Вевчани. Тој истакна дека ова е одлична можност гостите да се запознаат со перспективите за развој на општината во областа на туризмот.

Изминатите години, покрај Струга, дипломатскиот прием беше приреден и во Крушево, Гевгелија, Берово и во Битола.