СДСМ: Илјада пати кажана лага, не станува вистина

Во врска со вчерашната прес-конференција на градоначалниот на Охрид, Никола Бакрачески, денес преку соопштение регира ОО на СДСМ Охрид.

„Интересно е како градоначалникот на Охрид, Бакрачески мора да се присетува одвреме-навреме на неговите таканаречени проекти за да си го израдува егото. Ама илјада пати кажана лага, не станува вистина. За нас е нејасно како тоа во својот четиригодишен мандат не разбраа што значи да се креира проект од корист на граѓаните, а не за билдање на самодовербата на најнеуспешниот градоначалник што охриѓани некогаш го имале.

Бакрачески во пофалбите кон себеси, започнува од за нив најуспешниот проект, пешачката патека од замислете цели 200 метри, што ја реализираа во кој знае колку фази, а со истиот проект го набавиле и информативниот туристички киоск за кој фрлиле 9000 евра.

Не може, а да не ги споменеме подземните контејнери кои ги најавуваа како да се работи за последното достигнување во технологијата, а згора на тоа им ја згрешија и локацијата па мораа да чекаат месец дена да се дренира водата каде што ископаа за да ги постават истите веднаш пред градската библиотека. Нема да ги испуштиме и трибините на стадион во Подмоље, потпорни ѕидчиња во неколку села, како и реконструкција на селски дом и тоа замислете во две фази кои се наведени како да се работи за два посебни проекти.

Сепак омилена тема на Бакрачески се чини се туристите и бројките кои ужива да ги вади од ракав. На денешниот прес се потрудил да изгледа посериозно и да наведе различни цифри, меѓутоа уште еднаш потсетуваме дека во ниту еден случај досега не сме чуле од него што тие цифри значат во средства и тоа колку тие туристи кои наводно го посетиле градов, потрошиле во нашите угостителски објекти, во хотелите, во продавниците како бенефит би имале обичните луѓе. Ете тоа градоначалникот испуштил да го спомене. Што се однесува до превезените патници на охридскиот аеродром, несериозно е да се коментираат бројки на патници за кои охриѓани од својот џеб плаќале за тие летови да бидат субвенционирани, а градоначалникот да се фали како тој од својата плата да ги финансирал.

Почитуван градоначалниче, ова што вие го нарекувате проекти, во нормални држави, и нормални локални самоуправи е секојдневна активност на службите, а не медиумски спектакл каков што вие милувате да правите во Охрид. Затоа што додека вие си местите бекатон плочки по мини плоштадчињата, од градот ви се исели целокупната младина, ви остануваат само пензионерите, а и за нив не можете да се погрижите бидејќи сеуште не изградивте Дом за стари лица. Затоа најдобро ќе биде за вас, ако до крајот на вашиот мандат не излегувате по телевизии и останати медиуми и за да не ве фаќа срам, да не зборувате за овие квази-проекти. Издржете, уште некој месец. По локалните избори, ќе ви покажеме како СДСМ реализира проекти и го враќа животот во Охрид, оној кој вие заедно со вашите партиски шефови се погриживте да биде тотално уништен.“ стои во соопштението.