Вработен во ЈП „Охридски Комуналец“ осомничен за повреда на малолетно лице на Буково

СВР Охрид, во соработка со Јавен обвинител, ги презеде сите неопходни мерки за реализација на казненото дело „предизвикување општа опасност“, што на втори овој месец беше пријавено во охридската полициска станица. Во таа насока, истиот ден полициски екипи на СВР Охрид во присуство на Јавен обвинител извршија увид на депонијата „Буково“ каде според добиените информации, малолетно лице било тешко повредено. По увидот, а по добиена наредба за претрес од судија на претходна постапка, СВР Охрид изврши претрес во домот на С.Ѓ. (40) од охридското село Велгошти како можен сторител на казненото дело „предизвикување општа опасност“.

Од преземените оперативни мерки, констатирано е дека на втори овој месец околу 13,00 часот, на депонија „Буково“,С.Ѓ. вработен во Јавното претпријатие „Охридски комуналец“, како чувар на депонијата, при сечење на буково дрво со дијаметар од 17 сантиметри и должина од 14,5 метри, повредил малолетно лице родено 2005 година од Битола.

Според сознанијата на полициските службеници, малолетникот заедно со неговиот татко, престојувале во шатор на депонијата „Буково“ каде С.Ѓ. вршел сеча на дрва. Притоа, дрвото кое тој во моментот го сечел со моторна пила, паднало врз шаторот и го удрило малолетното лице во пределот на главата, од што малолетникот се здобил со фрактура на глава. Тој, веднаш со возило на Брза медицинска помош од Ресен бил пренесен во болницата во Битола но поради сериозноста на повредите и животно загрозувачка состојба, малолетникот е префрлен во Клинички центар Скопје.

По целосно завршување на активностите поврзани со казненото дело, СВР Охрид против С.Ѓ. ќе поднесе соодветна кривична пријава.