Кучи: Продолжуваат субвенциите за енергетска ефикасност

Министерството за економија и годинава продолжува со субвенциите за подобрување на енергетската ефикасност и ги повикува и поттикнува сите кои по 31 јануари купиле и вградиле ПВЦ и алумниумски прозорци или сончеви колектори да поднесат барање за надомест на дел од вложените средства.

„Годинава прв пат се воведува стимулативната мерка за надомест на трошоците за купени и вградени ПВЦ и алуминиумски прозорци. Во буџетот на Министерството за економија за таа намена се обезбедени 20 милиони денари со кои ќе се надоместуваат дел од трошоците во износ од 50 отсто од вкупната инвестиција, но не повеќе од 500 евра по домаќинство“, рече министерот за економија Дритон Кучи на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека доделувањето на надоместокот ќе се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“.

За субвенција на купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата, како што истакна, годинава Министерството одвојува повеќе средства, односно 16 милиони денари.

„Оваа мерка успешно се реализира од 2007 година. Со неа се надоместуваат дел од трошоците во износ од 30 отсто од вкупната инвестиција, но не повеќе од 300 евра по домаќинство. Остварувањето на правото на надомест е по пат на јавно извлекување што ќе се одржи на 22 септември 2017 година“, појасни Кучи.

Потсети дека на 31 јануари годинава во два дневни весника и на веб-страницата на Министерството за економија беа објавени огласите во кои беа утврдени условите што треба да бидат исполнети од страна на барателот за добивање субвенции за вградени прозорци и сончеви колектори.