Спроведена регионална операција за спречување на нелегалната трговија и криумчарење на оружје и муниција

Во рамки на ЕМПАКТ заедничките акциски денови на Европол во периодот од 27 до 29.01.2017 година беше спроведена регионална оперативна операција – “Western Balkan Action Day 2016” за спречување на нелегалната трговија и криумчарење на оружје и муниција. Земји учеснички во операцијата беа: Македонија, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Романија, Естонија, Шпанија, Швајцарија, Шведска, Велика Британија, Белгија, Холандија, Грција и Унгарија, додека на граничните премини беа присутни и претставници од Фронтекс. Во наведениот период се вршеа зајакнати селективни контроли при влез и излез на дел од граничните премини на патници, туристички автобуси и други видови на патнички и товарни моторни возила.

За координација на акцијата во Европол беше формиран Оперативен координативен центар, во кој, покрај експерти од Европол, присуствуваа и претставници од земјите учеснички во акцијата. Од Република Македонија во Оперативниот Центар во Европол активно учествуваа двајца претставници од Министерството за внатрешни работи. Координатор на акцијата на национално ниво беше Одделот за криминалистичка полиција. Освен претставници на МВР, во акцијата учествуваа и мобилни тимови на Царинската управа на Република Македонија.

За време на операцијата, преку СИЕНА апликацијата, беа разменети 117 пораки од кои примени 96 и испратени 21. Од страна на Република Македонија беа иницирани 13 барања за проверки. Воедно, преку електронската официјална пошта на МВР беа разменети 250 пораки за извршени проверки во рамки на операцијата.

Инаку, на територијата на Р епублика Македонија операцијата беше спроведена на граничните премини „Табановце“, „Блаце“ и „Деве Баир“. Притоа, беше извршена контрола и преглед на 128 патнички возила, на 11 товарни возила, на 23 автобуси и на 375 лица.