Министерот Нухиу на средба со жителите на Врбјани

Министерот за внатрешни работи д-р Агим Нухиу денеска беше во посета на селото Врбјани во општина Ростуше, во рамките на проектот „Како сте?“, кој има за цел да ја приближи полицијата до граѓаните. На средбите со граѓаните, министерот Нухиу им објасни дека полицијата е сервис на граѓаните и дека тие во секое време можат да се обратат до МВР.

„Дојдов лично за да ве информирам дека полицијата е на располагање во секое време за вашите потреби и вие можете слободно да ни се обратите за работи кои се во наша надлежност. Бидејќи дел од граѓаните се интересираат за изработката на личните документи, сакам да ве информирам дека имаме и мобилни екипи за фотографирање за изработка на документи и тие ви стојат на располагање“, рече министерот Нухиу на средбите со жителите на Врбјани.

Граѓаните изразија голема благодарност за посетата на министерот Нухиу.

„Вие сте прв министер кој ни укажа чест да не посети и ние сме ви многу благодарни. Имаме добра соработка со полицијата и се надеваме дека и во иднина таа соработка ќе продолжи“, рече Хајредин Зекири, жител на Врбјани.