Годинава за поддршка на иновации се планирани 3,7 милиони евра

Заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јасмина Поповска денеска ја посетија компанијата „Вејпр апликации ДООЕЛ“, која е корисник на средства од Фондот, наменети за старт-ап и спин-оф трговски друштва и иновации.

Компанијата е формирана пред 2 години со цел да развие софтверски производ за средни компании, кој значително им ја олеснува ИТ-администрацијата и интеграцијата на нивните основни ИТ-системи. Освен на домашниот, производот веќе се пласира и на меѓународниот пазар.

Ристовски при посетата го изрази своето задоволство што сé повеќе млади луѓе започнуваат сопствени бизниси, притоа, како што рече посветувајќи сериозен ангажман особено во областа на креирање иновации. Тој информираше дека преку Фондот и Владата во изминатиот период се распределени 1,5 милиони евра директна поддршка за иновациите во Република Македонија.

„Со зголемен интензитет продолжуваме и оваа година за која се планирани 3,7 милиони евра за поддршка на иновации. Во моментов е актуелен четвртиот оглас на Фондот за иновации и технолошки развој за кој на располагање се 1,45 милиони евра. Ова е доказ дека Владата, Министерството за образование и наука и Фондот се исклучително посветени на развојот на целокупниот бизнис-сектор и иновациите“, рече Ристовски.

Покрај стартапите, со повикот е предвидена и поддршка за десет микро, мали и средни претпријатија кои сакаат да направат комерцијализација на иновација, односно веќе имаат некаков прототип и сакаат да настапат на пазарот. За овој тип на поддршка предвидени се 100.000 евра по проект. Покрај финансиска, Фондот за иновации и технолошки развој им дава техничка помош, консултантски и менторски услуги со цел да им се овозможи на компаниите и претпријатијата подобро да опстанат и по завршување на поддршката од Фондот.