Уште само два дена за пријавување на Ohrid SUPERSTAR

Oстанаа уште само два дена за пријавување на првото локално Талент шоу за реагионот на Охрид и Струга – Ohrid SUPERSTAR.

„Пријавувањето тече во најдобар ред и според нашите очекувања. Во најголем дел се пријавуваат за сегментот на пеење и млади и перспективни бендови. Имаме и пријави за делот со Стенд Ап комедијата. Станува збор за претежно млади лица кои ветуваат добра забава и максимално ќе ја искористат можноста да се претстават пред јавноста. Сите кои се мислат дали да се пријават или не ги охрабруваме и им ветуваме одлично шоу. Организациските подготовки се при крај, се привршува сценографијата и се надеваме дека ќе имаме одличен настан. Во текот на првите две недели од март нашите ментори ќе имаат прелиминарни средби и ќе работат со кандидатите, по што ќе следуваат и двете елиминациони аудиции во тeкот на третата и четвртата недела од март. Во април следуваат полуфиналната и финалната вечер, кога најдобрите ќе покажат се` што знаат. Сите настани ќе се одржуваат на големата сцена при Домот на културата „Григор Прличев“, порачуваат од Ohrid SUPERSTAR.

Најдобрите ќе се одбираат по три основи: според гласовите на жири Комисијата, според гласовите од телефонското гласање и според гласањето на публиката, што ќе важи само за полуфиналната и финалната вечер. Можат да се пријавуваат музичари, пејачи, глумци, бендови, стенд ап комичари, водители за Тв и Радио проекти.

Организаторите на шоуто обезбедија богати награди за учесниците: парична награда од 2.000 евра, снимање на песна и видео спот со Даниел Јовески и старт на Тв и Радио проект. Сите заинтересирани ќе можат да добијат дополнителни информации и на официјалната страна на Facebook, а својот талент ќе го пријавуваат на маил адресата: ohridsuperstar@gmail.com.

Носители на проектот се Супер радио и охридските „Тамаро“ маркети, а главен медиумски партнер е регионалната О2 телевизија. Медиумски поддржувачи се и порталите: Ohrid1, OhridNet, OhridPres, WebOhrid, Ohrid24, StrugaOnline и Inpress, како и струшкото Плеј радио.