Средба на Заев со кинеската амбасадорка: Македонија ќе добие нова реформска Влада

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев претпладнето се сретна со новата амбасадорка на НР Кина во Р.Македонија, Лин Лисјен.

На средбата е поздравена традиционално добрата соработка помеѓу Р.Македонија и НР Кина и се потврдени определбите и од страна на амбасадорката на Кина и од страна на претседателот Заев за продлабочување на соработката меѓу двете земји.

Претседателот на СДСМ ја информираше кинеската амбасадорка за актуелните политички настани во Македонија и очекувањето Ѓорге Иванов во најскоро време да му го додели мандатот за состав на новата Влада на Р.Македонија.

„Идната Влада на Македонија ќе биде реформска. Подготвени сме да ги спроведеме сите неопходни реформи поврзани со економски напредок на граѓаните и на државата, како и за обезбедување независни институции, целосно независно судство, независни медиуми. Квалитетен живот за сите граѓани и отворање перспективи за напредок и развој на Македонија се нашите цели“, рече претседателот Заев.

На средбата е оценета како исклучително позитивна поддршката на мнозинството граѓани на изборите, на концептот на заедништво во Македонија, бидејки, како што е констатирано, само сплотеноста, а не поделбите носат добра иднина за сите граѓани и за Македонија.