На 3 март Четкар ќе настапи на џез-фестивалот „Џава“ во Џакарта, Индонезија

По концертниот настап во Индонезија, Четкар ќе продолжи со турнејата во Тајланд каде што ќе одржи два концерта, еден во Бангкок на 12 март во познатиот џез-клуб „Џез Суши“, а другиот на 18 март на музичкиот фестивал „Патаја“ …

Во рамките на азиската турнеја која се одржува со поддршка од Министерството за култура, на 3 март годинава македонскиот џез-музичар Владимир Василевски-Четкар ќе настапи на еден од најпрестижните музички фестивали во светот и воедно најголем џез-фестивал во јужната хемисфера, џез-фестивалот „Џава“ во Џакарта, Индонезија.

Четкар ќе настапи на една од главните сцени, а ќе биде придружуван од македонски, американски и тајландски музичари – Филип Стевановски на тромбон, Коди Роландс на труба, Борислав Веселинов на тенор саксофон, Супакит Фоганакит на клавијатури, Ѓоле Максимовски на бас и Виктор Филиповски на тапани.

На овој светски реномиран џез-фестивал редовно настапуваат најголемите џез, поп, фанк и соул имиња во светот, како: Стинг, Џорџ Бенсон, Стиви Вондер, Херби Хенкок, Џон Леџенд, Шака Кан, Џејми Кулум, Пети Оустин, Карлос Сантана, Ентони Брекстон, Кул енд д Генг, Чик Кореа, Инкогнито, Мецофорте, Ли Ритенор, Ди Ди Бриџвотер и многу други.

По концертниот настап во Индонезија, Четкар ќе продолжи со турнејата во Тајланд каде што ќе одржи два концерта, еден во Бангкок на 12 март во познатиот џез-клуб „Џез Суши“, а другиот на 18 март на музичкиот фестивал „Патаја“.