Отслужен првиот Акатист на Пресвета Богородица

Денес, во првиот петок од Великиот пост, во храмот „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ во Охрид, беше отслужен првиот Акатист на Пресвета Богородица, на кој чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот Никола Христоски и свештеникот Горан Ставрески.

По завршувањето на Акатистот, свештеникот Горан, со благослов на Митрополитот Тимотеј, се обрати кон верните со пригодно слово, во кое ја истакна улогата на Пресветата Мајка Богородица, која како лествица ги води луѓето од земјата кон небесата, од смртниот ад кон вечниот Живот, кој е нејзиниот Син и нашиот Спасител, Господ Исус Христос.