Одржан состанок во рамки на проектот „Учество на младите во процесот на донесување на одлуки“

Денес во просториите на Агенцијата за млади и спорт се одржа првиот состанок со претседателите на локални младински совети во рамки на проектот„Учество на младите во процесот на донесување на одлуки“. Проектот се спроведува од страна на Коалицијата на младински организации СЕГА и Агенцијата за млади и спорт, а со поддршка од Национална Агенција за европски образовни програми и мобилност, преку програмата Еразмус+ Клучна Акција 3 (Структурен дијалог). Целта на овој проект е да се подобри функцијата на советите на млади во општините и да се влијае на подобрување на младинското учество во демократскиот живот.

На настанот се обратија Директорот на Коалицијата на младински организации СЕГА – Зоран Илиески, Директорот на Агенцијата за млади и спорт – Марјан Спасески и Директорот на Национална Агенција за европски образовни програми и мобилност.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт се наврати на процесот на формирање на локални младински совети инициран од Агенцијата за млади и спорт во 2015 година, истовремено истакнувајќи ја огромната важност на локалните младински совети како линк меѓу младите луѓе и локалните власти, односно како тела кои овозможуваат вклучување на младите луѓе во процесите на донесување одлуки и креирање политики.

Во првата половина на април 2017 година проектот предвидува реализација на 10 локални дискусии на тема „Зголемување на младинското учество преку функцијата на Советите на Млади“ во општините вклучени во проектот. Преку овие локални дискусии ќе се прибираат мислењата на младите за младинското учество на локално и национално ниво и каква е потребата за подобрување на младинското учество преку Советите на Млади.

За поголемо вклучување на Советите на Млади предвидено е за фасилитатори на локалните дискусии да бидат ангажирани претседателите на советите на млади од Кавадарци, Штип, Свети Николе, Радовиш, Неготино, Крушево, Гази Баба, Ѓорче Петров, Прилеп и Град Скопје.