Поетот Чарлс Симиќ од САД добитник на Златниот венец на СВП за 2017

Поетот Чарлс Симиќ од САД е добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2017 година. Одлуката била донесена едногласно, а денеска на прес-конференција во Македонската академија на науките и уметностите ја соопшти раководството на поетскиот фестивал.

Симиќ е роден во 1938 година во Белград и е еден од најзначајните современи американски поети, есеисти, критичари и преведувачи. Тој е автор на 20-ина поетски книги и неколку есеистички, преведуван е на многу јазици меѓу кои е и македонскиот јазик.

„Станува збор за еден оргинален поетски глас, кој во почетокот преку едно надреалистичко искуство постепено еволуира во карактеристичен забележувач на современието со изразени морални и филозофски прашања, исклучително јасен, сериозен, но истовремено и забавен. Тој е поет кој создава во „духот на мрачната имагинација и ироничниот хумор, ќе речат неговите критичари и проследувачи“, пишува меѓу другото во одлуката која ја прочита претседателот на Управниот одбор на СВП, Славе Ѓорго Димоски.

Со наградата „Златен венец“, стои во одлуката, се наградуваат високите уметнички достигнувања на Чарлс Симиќ, особениот поетски израз и поетиката на страсното и луцидно сведоштво на новото време.

Симиќ, кој е 52 лауреат на СВП, во своето писмено обраќање по повод наградата наведува дека е почестен што ќе биде во групата истакнати поети носители на признанието, има убави спомени од СВП и со нетрпение очекува да присуствува и на 56. издание на поетската манифестација.

На прес-конференцијата по повод објавата на годинашниот лауреат министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска истакна дека нашата светски реномирана поетска манифестација Струшки вечери на поезијата е моќен афирматор на македонскиот јазик и на македонската книжевност и со својата етаблираност, таа е културен бренд по кој Република Македонија веќе шест децении се препознава во европскиот и светскиот културен простор.

„Чарлс Симиќ е автор на десетици исклучителни дела кои се преведени на огромен број јазици меѓу кои е и македонскиот јазик. Тој е поет кој е длабоко посветен на максимата дека не е доволно само да се создава поезија, туку потребно е и да се градат духовни мостови меѓу различните култури преку нејзиното проширување надвор од јазикот на кој таа првенствено е создадена“, рече Канческа – Милевска.

Посочи дека за своите остварувања Чарлс Симиќ е добитник на бројни реномирани книжевни награди, како што се „Пулицеровата награда“, наградата „Едгар Алан По“, наградата на Американската академија, меѓународната награда „Грифин“ за поезија, наградата „Валас Стивенс“, наградата на Конгресната библиотека во Вашингтон, наградата на српскиот ПЕН центар за превод на српската литература, медал „Роберт Фрост“ за животно дело во доменот на поезијата, награда „Вилчек“ за уметност и хуманистика, како и наградата „Босански стечак“ на меѓународната поетска манифестација „Сараевски денови на поезијата“.

За биографијата и творечки пат на Симиќ говореше директорот на СВП, Мите Стефоски, кој рече дека интригантна, провокативна, шокирачка, медитативна, полна со проблесоци на ироничен хумор, неговата поезија уште веднаш ќе биде препознаена како особен исчекор во современата американска поезија и високо вреднувана.

„Струшките вечери на поезијата доделувајќи му го ова престижно признание додаваат уште еден жив класик на современата светска поезија на грандиозната листа на добитници,“ додаде Стефоски.

„Златниот венец“ на Чарлс Симиќ ќе му биде врачен на годинашното 56. издание на поетскиот фестивал, кој традиционално се одржува на крајот на август во Струга.