Заев за Вечерњи лист: Иванов е должен да го почитува гласот на 700.000 граѓани

Дел од интервјуто на претседателот на СДСМ, Зоран Заев за хрватскиот весник Вечерњи Лист

„Очекувам претседателот на Собранието да биде брзо избран и да го извести Ѓорге Иванов дека согласно Уставот е должен веднаш да ми го даде мандатот. A потоа уверен сум дека новата Влада ќе биде составена во многу покус рок отколку што предвидува Уставот и дека многу побрзо ќе излезам со составот на новата реформска Влада. Сето тоа ќе донесе големо олеснување за граѓаните на Македонија, кои после тримесечниот застој ќе ја добијат новата Влада за којашто гласаа на изборите“, вели претседателот на СДСМ, Зоран Заев за хрватскиот весник Вечерњи лист.

Во интервјуто за весникот, претседателот Заев зборува околу очекувањата за разврска на политичката криза во Република Македонија. На прашањето дали Иванов ќе го прифати известувањето од новиот претседател на Собранието, претседателот Заев одговори:

„Очекувам да се одржи конститутивната седница и Иванов веднаш штом го добие дописот од новиот претседател на Собранието, да ми го даде мандатот за формирање на новата Влада. Не сакам да помислам дека некој ќе се дрзне да помисли понатаму да ја изигрува волјата на околу 700.000 граѓани и со тоа да ја турка Македонија во уште подлабока криза.

Претседателот Заев во интервјуто за хрватскиот весник објаснува дека наспроти непринципиелноста на Иванов, кој го крши Уставот, се прават сите прави напори за институционална разврска на кризата.

„Правиме се што можеме, на Ѓорге Иванов, кој го крши Уставот и излезе со двојни стандарди околу давањето на мандатот, преку почитување на институциите да му ги разбиеме сите изговори и низ законска и уставна процедура да мора да ми го даде мандатот за формирање Влада.

Првиот чекор што го направив за да ја разбијам лагата за некакво сценарио спротивно на државните интереси на Македонија, беше минатиот петок кога ја објавив Програмата на новата реформска Влада на граѓаните на Македонија којашто ги гарантира унитарноста и суверенитетот на државата, перспективите на Македонија во ЕУ и НАТО, владеењето на правото, економски развој и социјална кохезија. Тоа се клучните приоритети за сите граѓани на Македонија, независно од каква било различност.

За да му олесниме, како парламентарно мнозинство од 67 пратеници, поднесовме иницијатива за продолжување на конститутивната седница на Парламентот, за избор на претседател на Собранието на Република Македонија“, вели меѓу другото во интервјуто за хрватскиот весник Вечерњи лист, претседателот на СДСМ, Зоран Заев.