Инфо ден за проектот за имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Р. Македонија во СОСУ „Свети Кирил и Методиј“

Како дел од редовните активности на Коалицијата на невладини организации „СЕГА” и „Младински Совет Охрид”, денес во Средното Општинско Средно Училиште „Свети Кирил и Методиј”, беше одржан Инфо ден за учениците, со цел поголемо препознавање на улогата на децата правобранители во заштитата на правата на децата.

Во реализацијата на настанот учествуваа детето правобранител, Антонио Бучкоски и замениците, Ивана Црвенкоска и Јован Блажески, заменик претседателот на Ученичката Заедница, Климент Тодороски и членот, Ристе Ристески, локалниот координатор на проектот, Весна Цветаноска, како и Вахид Мемед и Марија Лихвинцева, членови на тимот на „Младински Совет Охрид”. Тие поделија пликоа со поместени членови од Конвенцијата за правата на детето, пенкала и бонбони на вкупно 50 ученици од сите години на образование во училиштето.

Проектот за имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Охрид се одвива веќе седум години, во СОСУ „Свети Кирил и Методиј” и во ОУ „Братство Единство”. Во моментот, во двете училишта има вкупно 4 деца правобранители, и 5-мина заменици. Нивна задача е да бидат заштитници на правата на децата во образовните установи од каде што доаѓаат. Секое дете кое што чувствува дека некое право му е загрозено или прекршено, може да се обрати кај нив, со цел заедничко изнаоѓање решение за евентуалнито проблем со претставници на педагошко – психолошките служби во училиштата, и со локалниот координатор.

Освен во општинава, оваа активност се реализира и во Струга, Битола, Прилеп, Дебар, Гостивар, Тетово, Куманово, Кавадарци и Штип.