Министерот Амети во Тирана на Тркалезна маса за заедничката визија за прекугранично заштитено подрачје Шар Планина – Кораб

Министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети денеска во Тирана, Р. Албанија, учествуваше на Тркалезната маса на високо ниво по повод започнувањето на Проектот “Отворен регионален фонд за Југоисточна Европа – Биолошка разновидност”. На настанот, на кој учество земаа и министрите за животна средина од Косово и Албанија, се дискутираше за имплементацијата на Заедничката визија за прекугранично заштитено подрачје Шар Планина – Кораб, за која Р. Македонија даде и политичка поддршка во 2013 година со потпишувањето на Трилатералната Декларација меѓу Македонија, Албанија и Косово.

„Овој проект го гледам како можност за унапредување на досегашната успешна регионална соработка на полето на заштитата на биолошката разновидност, особено во делот на прекуграничните заштитени подрачја“– истакна по тој повод министерот Амети, додавајќи дека Р. Македонија се одликува со огромна биолошка разновидност чии основни обележја се богатствотото и хетерогеноста на видовите и екосистемите, што се должи на специфична географска положба, климатските, геолошките, геоморфолошките, хидрографските, педолошките и други фактори. Неопходноста од превземање на координирана акција на локално, регионално и глобано ниво, за превенција, намалување и ублажување на штетните влијанија врз биолошката разновидност е потребна и добредојдена.

Досега, во тек е реализацијата на проектите “Постигнување на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање на користење на земјиштето” и “Зачувување и одржливо користење на биодиверзитетот на Преспанско, Охридско и Скадарско Езеро”.

Во 2016 година се спроведе EУ IPA проект: “Зајакнување на капацитетите за имплементација на Натура 2000”, преку кој се подготви нов Закон за заштита на природата и подзаконски акти, заради целосно транспонирање на ЕУ директивите за живеалишта и птици. Истата година, прекуграничната соработка помеѓу Македонија, Албанија и Грција за заштита на природата беше унапредена преку формирање на Фонд за заштита на природата Преспа – Охрид (PONT).

Во рамките на посетата на Тирана, министерот Амети оствари билатерални средби со албанскиот министер за животна средина Лефтер Кока и косовскиот Ферат Шала.