Промовирана охридската туристичка понуда во Москва

По средбата во Федералната агенција за туризам на Руската Федерација во елитниот хотел “Златен прстен”, во центарот на Москва се одржа една од најпрофесионалните промоции и презентации на охридската туристичка понуда, која општина Охрид ја воведе во пракса од пред три години низ неколку европски метрополи.

Пред присутните тур оператори, туристички агенции, новинари и амбасадори на Балканските земји, најпрвин се обрати Амбасадорот на Република Македонија во Руската Федерација Гоце Карајоваов, кој ги презентира поволностите кои Владата на Република Македонија ги дава на тур операторите и агенциите за привлекување на туристи во Македонија, а веднаш потоа свој говор одржа и градоначалникот Никола Бакрачески, во кој беа презентирани редица на научни и историски факти за традиционалната повраност на Охрид и Охридската Архиепископија со Рускиот народ и Русија.

Градоначалникот детално ги изнесе историските факти како и хронолошкиот редослед на настаните кои ги поврзуваат овие две култури и традиции.

„Охрид е вековна ризница на цивилизациите, отворен музеј, но и најпознат туристички центар на Република Македонија. Град, кој заедно со Охридското Езеро, едно од трите најстари езера во светот, е под заштита на УНЕСКО, и е се попрепознатлив како топ- туристичка дестинација во светот, град во кој очекуваме да имаме што повеќе посетители од Москва и Руската Федерација“, рече градоначалникот Никола Бакрачески.

Во натамошниот тек на говорот се надоврза на можностите за унапредување на соработката во делот на туризмот пред се религиозниот туризам. Ги презентира предностите на Охрид и упати срдечна покана до присутните да дојдат во Охрид и Македонија и да почувствуваат дел од богатото културно, историско, духовно и природно наследство на Охрид по што уследи аплауз од присутните.

Понатаму следеа професионални видео презентации во кои беа прикажувани убавините на Охрид и поединости од охридската туристичка понуда. На коктелот кој следеше беа остварени бројни билатерални средби помеѓу претствници на локалната и претставници на туристичкиот бизнис во Русија, во кој беше изразено јасно задоволство и воодушевување на присутните од она што го видоа во текот на презентацијата и од кои произлегоа иницијативи за отпочнување на соработка во туризмот.

Некои од присутните гости видно воодушевени од презентацијата, го најавија своето учевство на промо турата која општина Охрид ќе ја организира оваа година во месец спетември,а некои од нив веќе остварија контакти со локални туристички агенции во Охрид, како можност за носење на руски туристи во текот на оваа есен.