Завршен настан во рамки на проектот „Заштита на природата во НП Галичица: бајка или реалност“

Завршниот настан во рамки на проектот „Заштита на природата во НП Галичица: бајка или реалност“ финансиски поддржан преку ИПА2 Механизмот за граѓански организации и Global Green Grants Fund на кој присуствуваа претставници од локални и меѓународни организации, национални институции, како и граѓани, се одржа на 24 април во х. Royal View во Охрид.

На настанот се обратија Драгана Велковска од Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. која ги презентираше резултатите од проектот и Ајман Ал малла, раководител на Секторот за животна средина во Општина Ресен кој зборуваше на тема „Со добро владеење до одржлив развој“.

Во рамки на проектот беа одржани вкупно четири консултативни состаноци – три со одделни категории на чинители и еден со сите чинители заедно, беше изработена анализа на националната и меѓународната легислатива која го третира Националниот парк Галичица и беше спроведено истражување на мислењето на близу 300 испитаници од регионот (граѓани, граѓански организации и институции).

На присутните најголемо внимание им привлекоа бројките. Имено, фактот дека буквално сите анкетирани граѓани бараат заштита на Студенчишко Блато бидејќи го сметаат за филтер на езерото и за негов незаменлив дел, наспроти 1,2% од граѓаните кои се изјасниле дека во регионот треба да се развива масовен туризам.

Понесени од резултатот на референдумот во Гевгелија, можеме со задоволство да заклучиме дека граѓаните си го кажаа своето – тие бараат регионот да го задржи УНЕСКО статусот и да почне да се развива активниот туризам кој не ја уништува животната средина.

Околу 99% од сите испитаници сметаат дека промената на ДУП-от за зголемување на катноста на објектите од х. Тино до Милениум палас е штетна урбанистичка одлука која треба да се повлече. Огромен дел од испитаните граѓани, исто така, ги оценуваат предвидените капитални инфраструктурни проекти како исклучиво штетни и непотребни за регионот.

Сите испитаници од државните институции сметаат дека економската придобивка не смее да оди на штета на природата.

Додека 45,5% од институциите сметаат дека законските прописи се почитуваат селективно; речиси 47% од претставниците од граѓанскиот сектор биле изложени на некаква форма на притисок или закани поради нивниот ангажман, а дури 16% од нив не презеле ништо околу тоа.

Заклучоците од сите консултативни средби беа едногласни и се поклопија со заклучокот од правната анализа: легислативата постои и е силна, но не се спроведува доследно.

На консултативните состаноци се востанови и потребата од масовна едукација во сите форми, отворање на одржливи работни места за населението и зајакната соработка меѓу институциите и граѓанскиот сектор.

Господинот Ал малла ја претстави успешната приказна за ревитализацијата и заштитата на Преспанското Езеро и нагласи дека професионалниот интегритет на јавните и државните службеници мора да биде неприкосновен доколку сакаме вистински, долгорочен и сеопфатен развој.

Резултатите од проектот беа испечатени на картички од садлива хартија кои се начин за едукација и информирање на јавноста со произведување нула отпад, а коктелот беше со исклучиво веганска храна. Заштитата на животната средина мора да се случува на сите нивоа.