Светиот свештеномаченик Симеон епископ Персиски

Во времето на злочестивиот цар Савориј или Сапор, Симеон беше мачен за Христа заедно со неговите двајца презвитери, Авделај и Ананија. Пред нив пострада и царевиот евнух Устазан, којшто прво се одрече од Христа, а потоа трогнат од прекорот на Свети Симеон повторно пред царот ја исповеда вистинската вера. На губилиште заедно со Симеон беа изведени уште илјада христијани. Симеон некако се протна за да може да биде убиен последен, зашто сакаше да ги храбри другите докрај за ниеден од нив да не се поколеба од страв пред смртта. Кога презвитерот Ананија ја положи главата на трупецот, со целото тело затрепери. А царевиот пристав, Фусик, кој беше потаен христијанин, почна да го храбри Ананија велејќи: „Не плаши се, старецу, затвори ги очите и биди мажествен, за да ја видиш Божествената Светлина!“ Штом го изговори тоа, го повикаа како христијанин и го обвинија кај царот. Царот го уби во големи маки и него и неговата ќерка, девицата Аскитреја. Најпосле го убија и Свети Симеон, откако прво го испрати своето стадо на оној свет. Следната година на Велики Петок беше убиен и царевиот омилен евнух Азат, а со него илјада други верници. Тогаш царот пожали за својот евнух и го запре натамошното убивање на христијаните. Сите чесно пострадаа за Господ Христос во 341 или 344 година.