Милошоски: Изборот на Џафери е најголемиот преседан досега

Неуставниот, незаконскиот и нелегалниот избор на Талат Џафери е прв ваков голем тежок преседан во историјата на Македонија, кој значи погазување на процедурата, на правото и на демократијата се со цел да се задоволат некои лични, политички или партиски амбиции. Ова денеска во изјава пред Собрението го порача пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.

„Политичите партии без разлика дали се во опозиција или се на власт треба да имаат принципи кои се засноваат на Уставот, на Деловникот и законите доколку сакаме Македонија да биде стабилна држава која што ќе може да напредува и да работи во интерес на граѓаните“, рече Милошоски.

Нагласи дека и пред да се случи незаконскиот чин, а и сега укажувале дека секој чекор што оди во насока на демонстрирање на политичко насилие без да се почитуваат Уставот, процедурите, законите и Деловникот само ќе ја одоговлекува политичката криза и не е во интерес ниту на државата, ниту на граѓаните како носители на нејзиниот суверенитет.

„Коалицијата „За подобра Македонија“ и сите пратеници коишто ја претставуваат како претставници на граѓаните и на народот многу единствено и многу едногласно дојде до овие заклучоци бидејќи лесно се гледаат и преку читање на Деловникот и законите и Уставот. Цениме дека како политичка коалиција треба да ги застапуваме интересите на граѓаните и на народот, бидејќи како политичка партија постоиме за народот. Имаме добиено мандат, ќе продолжиме да го правиме тоа со два приоритети. Првиот е интересот, стабилноста и напредокот на Република Македонија, а вториот унитарна, стабилна и демократска Македонија во која интересот на граѓаните е на прво место“, истакна Милошоски.

Тој посочи дека процедурите во Собранието и почитувањето на Деловникот не се должни да го прават, промовираат или да го штитат луѓе кои не се дел од Собранието.

„Стабилна Република Македонија значи стабилно однесување на сите политичари или политички партии, а стабилно поднесување значи почитување на процедура, на демократија, на Деловник, на Закон и на Устав. Ако се направи еднаш негативен преседан заради политички амбиции или аранжмани, заради потпишана, прифатена или неприфатена платформа заверена во туѓа држава, тогаш тоа само ќе предизвика друг преседан, трет преседан и само ќе ја продлабочува кризата“ потенцира Милошоски.

Затоа, додаде, сметаме дека стабилна Република Македонија значат стабилни политичари и политички партии коишто принципите, Деловникот, Законот и Уставот ќе ги почитуваат без разлика на тоа што добиле или што им е ветено дека ќе добијат.