Запленети лекови, алкохолни пијалоци, облека и друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани лекови, златен накит, лозови садници, семе за трева, автоделови, алкохолни пијалоци, облека и друго.
Задржана е следната стока:

Лекови

– 1140пакувања разни видови на лекови откриени од страна на мобилните царински тимови, при длабинска царинска контрола на патниот правец Скопје – Граничен премин Блаце, кај бензиската пумпа на Еуроактива, на автобус со турски регистарски ознаки, управуван од босански државјанин. Непријавените лекови се пронајдени под неколку седишта во автобусот, кај скалите и на задните седишта од автобусот и истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесена кривична пријава.

Златен накит

– 0,401 kg златен накит, откриени од страна на мобилните царински тимови на скопскиот аеродром Александар Велики, во женска ташна во која имало уште едно мало ташниче, сопственост на македонска државјанка која допатувала со лет од Цирих. Непријавениот златен накит е привремено задржан, а против патничката е поведена прекршочна постапка.

Лозови садници и семе за трева

– 600 парчиња лозови садници,пронајдени во 2 ранци, сопственост на македонски државјанин, кој како пешак пробал да ја избегне царинската контрола при влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените садници се привремено задржани, а против лицето ќе биде поведена соодветна постапка.

– 100 kgсеме за трева, откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски ознаки, управуван од македонски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените 4 вреќи со по 25 kg семе за трева, пронајдени во багажниот простор на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Автоделови

– 11парчиња нови автоделови (алансер, дискови за кочници, сет плочки за кочници, затегнувач за ремен, лизгачи за ремени и клинести ремени), откриени при контрола на автомобил со швајцарски царински регистарски ознаки, управуван од македонски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените автоделови, пронајдени во багажниот простор на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поведена соодветна постапка.

Акцизни производи

– 16,51 литри жестоки алкохолни пијалоци, откриени од страна на царински тимови од царинарница Гевгелија, при контрола на повеќе малопродажни и угостителски објекти на територијата на Неготино, Босилово, Ново Село и Струмица.

Во 3 одделни случаи, кај правни лица во Босилово и Неготино, пронајдени се 14,09 литри домашна ракија, 0,81 литри узо, 0,61 литри ирско виски JAMESON и 1 литар вињак RUBIN, кои се нуделе на продажба, а воопшто не биле означени со акцизни марки, ниту поседувале било каков сертификат за квалитет. Алкохолните пијалоци се привремено задржани а против прекршителите ќе бидат поведени соодветни постапки.

Облека

– 13 парчиња машки кошули од лен, откриени во царинската испостава Меџитлија, при контрола на товарно моторно возило со македонски регистарски ознаки, кое пренесувало стока пријавена за привремен увоз заради поправка, наменета за правно лице од Битола. Непријавените кошули се привремено задржани, а против правното лице и неговото одговорно лице е поведена прекршочна постапка.

Останато

– 110 парчиња грип (туба) за тетовирање, 400 милилитри боја за тетовирање, 140 парчиња игли за тетовирање, 200 милилитри маст за тетовирање и 1500 парчиња капачиња за боја за тетовирање, откриени при контрола на автобус со македонски регистарски ознаки, управуван од македонски државјанин, кој сообраќал на линијата Солун – Скопје, а бил пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи за тетовирање се пронајдени во ранец, сопственост на македонски државјанин кој бил патник во автобусот, и истите се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена соодветна постапка.