Блажениот Анастасиј Синаит патријарх Антиохиски и Преподобен Теодор Трихина

Блажениот Анастасиј Синаит патријарх Антиохиски

Беше монах на Синасјката Гора кога го избраа за антиохиски патријарх во времето на царот Јустинијан. На таа положба го воздигна неговата добродетел, чистотата на животот, големата духовна ученост и тврдата вера. Но царот Јустинијан падна во докетската ерес, против којашто остро станаа цариградскиот патријарх Евтихиј и овој блажен Анастасиј. Царот го прогони Евтихиј, а сакаше да го гони и Анастасиј, но не можеше да му најде никаква замерка на животот. Пред смртта царот Јустинијан се покаја и го врати на престолот патријархот Евтихиј, но неговиот наследник Јуст врз основа на некои клевети го прогони Анастасиј. Помина во прогонство дваесет и три години, а во времето на царот Маврикиј повторно го вратија на престолот. Управуваше со Црквата Божја уште шест години и својот земен пат го заврши во 599 година.

Преподобен Теодор Трихина

Цариграѓанин и син на богати родители. Како млад ги остави родителите, домот и богатството и се насели во еден пустински манастир во Тракија. Таму се предаде себеси на најтешки подвизи. Спиеше на камења – за да има помалку сон – постојано одеше гологлав и се облекуваше во една наметка од кострет, заради што и го нарекоа „трихин“ што значи „кострет“. Заради ова големо самоизмачување за спасението на душата, Бог му подари голем дар на чудотоврство и за време на животот и после смртта. Се упокои мирно околу 400 година. Телото му се покажа мироточиво.