Одржана општинската сообраќајно воспитна манифестација „Детски семафор 2017“

Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата Охрид, денеска успешно ја реализира општинската сообраќајно воспитна манифестација „Детски семафор 2017“. Севкупен победник е екипата од основното училиште „Кочо Рацин“ од Охрид кои, ќе бидат учесници и на Регионалното натпреварување „Детски семафор“ што овој месец ќе се одржи во Кичево. Најдобри резултати во женска и машка конкуренција постигнаа Снеже Змејкоска од основното училиште „Св.Климент Охридски“ и Владимир Јованоски од основното училиште „Кочо Рацин“. Тие се добитници на наградата велосипед. За освоено второ и трето место, награда велосипедска кацига, добија Анастасија Вељјаноска од основното училиште „Христо Узунов“ и Кристина Србиноска од основното училиште „Св.Климент Охридски“ како и Никола Каланоски од основното училиште „Христо Узунов“ и Мартин Димитриески од основното училиште „Кочо Рацин“.

Во рамките на манифестацијата „Детскиот семафор“, учениците од основните училишта од општинава, имаа теоретски дел односно електронско полагање сообраќајни тестови и практичен дел- вешто возење на велосипед. На сообраќајните тестови, учениците покажаа високо познавање на сообраќајните правила и прописи и одлични резултати во познавањето на сообраќајните знаци и при вештото управување со велосипед.

Беспрекорно реализираниот „Детски семафор“ е резултата на одличната соработка што Општинскиот Совет за безбедност во сообраќајот ја има со локалната самоуправа која ги обезбеди наградите како и со Секторот за внатрешни работи во Охрид кој ја даде останатата логистичка и материјално техничка помош.

Целта на општинската сообраќајно-воспитна манифестација „Детски семафор” е едукација и издигнување на сообраќајно-техничката култура кај младите, јакнење на нивната свест за одговорно учество во сообраќајот, целосно запознавање со сообраќајните правила и прописи и нивно почитување, што воедно ќе значи и подобрување на личната и на безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.