Кривична пријава за охриѓанецот кој ограби канцеларија и стан во Охрид

Поради постоење основи на сомнение за две сторени кривични дела „тешка кражба”, СВР Охрид поднесе кривична пријава против Д.О.(32) од Охрид.

Пријавениот, казнените дела ги сторил во периодот од 13-ти до 27 јануари оваа година, во канцеларија лоцирана на булеварот „Туристичка“ и во стан на улицата „Мирче Ацев“ во Охрид. Во извршувањето на тешките кражби, пријавениот Д.О. користел подесен алат со кој ја отворил влезната врата од канцеларијата, одзел клуч од комбе марка „Мерцедес“, по што на ист начин делувал врз дрвена врата во канцеларијата и од работно биро одзел околу 16.000 денари. Успевајќи да отвори влезна блиндор врата, пријавениот влегол во стан на улицата „Мирче Ацев“ извршил пребарување по сите соби и од дневната соба одзел 1000 денари, од спалната соба одзел два златни прстени и едно златно ланче. Користејќи подесен алат, тој ја отворил наткасната до лежајот и од внатре одзел 100 евра. Со извршените казнени дела „тешка кражба“, пријавениот се стекнал со противправна имотна корист од 46.000 денари.