Светски ден на физичката активност – 10 мај

Да ја намалиме стапката на смртност од физичка неактивност!

Што е физичка активност?

Под физичката активност се подразбира секое телесно движење предизвикано од скелетните мускули со кое се троши енергија.

Терминот “физичка активност” не треба да се меша со “вежба”. Вежба, е поткатегорија на физичка активност која се планира, и е структурирана, повторлива и намерна, а со цел да се подобри или одржи една или повеќе компоненти на физичката кондиција. Физичка активност вклучува вежбање, како и други активности кои вклучуваат телесно движење и се прави како дел од игра, работа, активен превоз, домашни и рекреативни активности.

Редовната физичка активност со умерен интензитет – како што се одење, возење велосипед, или спортување има значајно влијание врз здравјето. Редовното и соодветно ниво на физичка активност влијае на подобрување на мускулите и кардиореспираторното здравје, подобрување на коските и функционалното здравје, го намалува ризикот од хипертензија, коронарни срцеви заболувања, мозочен удар, дијабетес, разни видови на рак (вклучувајќи рак на дојка и рак на дебелото црево), и депресија, го намалува ризикот за посериозни повреди при паѓање, особено повреда на колк или скршеници на ‘рбетот, и е од фундаментално значење за енергетскиот биланс и контрола на тежината.

Придобивки од физичката активност

Зголемувањето на физичката активност е општествен, а не само индивидуален проблем. Затоа, таа бара, мулти-секторски, мулти-дисциплинарен, и културно релевантен пристап. Физичката активност им помага на младите луѓе да развијат здрави мускулноскелетни ткива (на пример коските, мускулите и зглобовите), здрав кардиоваскуларен систем (т.е. срцето и белите дробови), координација и контрола на движење, одржување на здрава телесна тежина.

Физичката активност влијае и на психолошката состојба кај младите луѓе, затоа што го намалува ризикот од анксиозност и депресија, помага во социјалниот развој затоа што дава можности за самоизразување, градење на самодоверба, социјална интеракција и интеграција, создава здрави навики како што се на пример, избегнување на тутун, алкохол и дрога со што дава подобри резултати на училиште.

.Лица со специфични здравствени состојби, како што се кардиоваскуларните болести и дијабетес, се препорачува, за примената на физичката активност да побараат медицински совет. Ова особено важи за постарите лица.

Ризици од недоволна физичка активност

Над 80% од адолесцентната популација во светот се недоволно физички активни. Недоволната физичка активност е еден од водечките фактори на ризик за смрт во светот. Околу 3,2 милиони смртни случаи во светот се поврзуваат како индиректна последица од физичка неактивност. На глобално ниво, од четворица возрасни, еден е физички неактивен. Луѓе кои се недоволно активни имаат 20% до 30% поголем ризик од смрт во споредба со луѓето кои се доволно активни.

На глобално ниво, околу 23% од лицата на возраст од 18 и повеќе години не биле доволно активни во 2010 година (20% мажи и 27% жени). Во земјите со високи приходи, 26% од мажите и 35% од жените биле недоволно физички активни, во споредба со 12% од мажите и 24% од жените во земјите со ниски приходи. Нивото на физичка активност често варира со падот или зголемувањето на бруто националниот приход. Намалувањето на физичката активност делумно се должи на неактивност во слободното време и „седечко“ работното место. За тоа придонесува и прекумерното користење на моторни возила, лифт и слично во текот на денот при извршување на секојдневните активности. На глобално ниво, 81% од адолесцентите на возраст од 11-17 години биле недоволно физички активни во 2010 година. Девојките биле по неактивни од момчињата, со 84% наспроти 78%.

Физичката неактивност е глобален проблем на јавното здравство. Физичката неактивност е четврти водечки фактор на ризик за смртноста на глобално ниво со 6% од смртните случаи. Физичката неактивност се очекува да биде главна причина за предизвикување на рак на дојката и рак на дебелото црево со околу 21-25%, на дијабетес 27% и околу 30% на исхемична срцева болест.

Што ги обесхрабува луѓето за да бидат повеќе физички активни?

Одредени фактори на животната средина кои се поврзани со урбанизација! Страв од насилство и криминал на отворен простор! Сообраќај со висока густина! Аерозагадување! Недостиг на паркови, тротоари и спортски и рекреативни центри!

Како да се зголеми физичката активност?

Земјите членки на СЗО се усогласија за намалување на недоволната физичка активност за 10% до 2025 година

Релевантните институции и заедниците да преземат акции со кои на што поголем број поединци ќе им овозможат да бидат физички активни. Политиките за зголемување на физичката активност имаат за цел да обезбедат промовирање на физички активности прилагодливи на секојдневниот живот, како што се пешачење, велосипедизам, создавање услови за физичка активност на работното место, обезбедување на простор и објекти во кои учениците и студентите ќе можат да го поминуваат слободното време активно, спортски и рекреативни објекти за спортување. На глобално ниво политиките и плановите за решавање на физичката неактивност се развиени во околу 80%.

Препораки

Препораките на СЗО дадени во овој документ се однесуваат на три старосни групи: 5-17 години; 18-64 години; над 65 години.

Деца и адолесценти на возраст од 5-17 години
Минимум 60 минути умерена до енергична физичка активност на ден. Треба да се применуваат активности кои ги зајакнуваат мускулите и коските, најмалку три пати неделно.

Возрасни од 18 до 64 години

Максимум 150 минути физичка активност со умерен интензитет или минимум 75 минути енергична физичка активност во текот на неделата, или еквивалентна комбинација на двете. Вежби за зајакнување на мускулите се доволни два или повеќе дена во неделата.

Возрасни над 65 години

Максимум 150 минути умерена физичка активност или 75 минути енергична во текот на неделата е доволно за одржување во здрава форма.

Кај возрасната група од 18-64 години, физичката активност вклучува активности во слободното време на пример: одење, танцување, градинарство, пешачење, пливање, пешачење или возење велосипед наместо моторни возила, физички активности во текот на работното време и дома, игра, спортување или планинарење. Глобалните препораки за физичка активност се примарна превенција од незаразните болести на населението, а примарна цел за креаторите на политиките на национално ниво.

Превод од: www.who.int (Светска здравствена организација)

Адаптација : Институт за јавно здравје