Шекеринска: Обвинителството ќе биде соучесник ако игнорира дека се случија крвнички напад и закани по живот

Изјава за медиуми на Радимила Шекеринска, заменик претседателка на СДСМ

„Пред Обвинителството ги повторив информациите и сликите кои ги носам со себе од 27-ми април. Го повторив оној след на настани кој покажа дека Собранието, луѓето во Собранието, особено пратениците беа цел на еден крвнички напад, со цел некои од нив и да го изгубат животот.

Ги кажав сите информации кои се однесуваат на двојниот напад кој го претрпев, а тоа е едниот со сталак од телевизиска камера. Едниот од насилницте ме удри директно во глава и не знаев на кој начин таа повреда ќе се одрази, дали ќе можам да стојам на нозе, дали ќе можам да одам, дали ќе можам да ја напуштам просторијата, дури потоа вториот насилник ме повлече за коса со желба да ме удри на земја и да ме сруши. Овие настани, мислам дека долго време ќе останат во нас како потсетување што се може да се случи кога насилници нема да сакаат да ја предадат власта. Пораката која сакам и денеска да ја упатам до Јавното обвинителство на Република Македонија е дека е неприфатливо кога група на насилници напаѓаат на нашиот живот, здравје, егзистенција, не само како пратеници, пред се како граѓани на оваа држава. Кога не напаѓаат со тешки предмети, кога не напаѓаат со цел да не убијат, не може единстевното дело за кое ќе се процесуираат, да биде Учество во толпа.

Доколку Јавното обвинителство, продолжи да ги минимизира овие сериозни напади, на тој начин Обвинителството ќе стане соучесник во политичкото насилие кое се промовира во Р.Македонија. Еден дел од овие насилници беа платени, еден дел од овие насилници точно знаеа каде одат и која им е целта. Да нападнат, да повредат и некого да убијат. Ако за тоа не бидат судени и осудени, во Македонија и Јавното обвинителство ќе дозволи насилието да владее со нашите животи.“– изјави Шекеринска.