Завршен настан на регионалниот проект на МОН и КултурКонтакт-Австрија за поддршка на претприемничкото образование

Министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу присуствуваше на завршниот настан во рамки на регионалниот проект за поттикнување и подигнување на квалитетот на претприемничкото образование преку обука на наставници за успешно реализирање на наставата по бизнис и претприемништво, кој се спроведуваше согласно потпишаниот меморандум за соработка меѓу Министерството за образование и наука на Република Македонија и КултурКонтакт Австрија.

Во своето обраќање министерот Лутфиу истакна дека развивањето на претприемничкиот дух кај младите е повеќе од неопходно и треба да трае континуирано за време на основното и средното образование, но и да се применува во контекст на доживотното учење. Потенцираше дека претприемничкото образование зазема значајно место меѓу приоритетите на ресорното министерство. Креативноста и иновативноста се потребни во секоја пора од општествениот и економскиот живот на Република Македонија и затоа Министерството за образование и наука во континуитет презема мерки со кои претприемничкото образование се практикува како дел од редовниот наставен процес.
Нагласи дека неопходно е квалитетно претприемничко образование, како од аспект на теоријата, така и од аспект на практиката, кое ќе помогне во градењето на младина со проактивен и иновативен начин на размислување.

„Во таа насока, во изминатите години направивме неколку крупни чекори на сите нивоа и во сите сегменти од нашиот образовен систем. Покрај иницираните измени во наставните содржини по 6 предмети во деветгодишното основно образование преку воведување на теми од областа претприемништвото и иновациите, воведен е предметот “Иновации“ како посебен предмет во деветто одделение, а во средното образование ги воведовме предметите “бизнис“ и “бизнис и претприемништво“.

Министерот Лутфиу, се заблагодари за големиот придонес на КултурКонтакт Австрија, кој преку овој регионален проект што освен во Македонија се имплементираше и во Албанија и Косово успеа да обучи околу 72 наставници, а во тек е обука на уште 27 наставници. Изрази благодарности и до сите наставници кои остануваат посветени на современите трендови во претприемачкото образование и применуваат иновативни начини на реализација на наставните програми.