Играта „Македонија“

Доколку играте некоја игра согласно правилата, а вашиот противник мами, вие сте тие што ќе изгубите. Доколку судијата е наклонет кон вашиот противник, иако тој мами, ќе доживеете пораз. Дали тоа значи дека ве поттикнувам и вие да мамите за да му парирате на противникот? НЕ. Едноставно, откажете се од играта.

За жал, „играта“ во овој случај е Македонија, а се работи за нејзино опстојување како независна држава. Па и Западот си ги менува правилата како што минува времето. Клучот сепак е во посед на Македонија и таа може во секој момент да донесе одлука да се повлече од играта. И овде не станува збор за поедноставување на работите, туку за нешто што е базирано на здрав разум. Ако некој од вас бара да преговарате за промена на името, само за да се задоволи бесрамниот угнетувач на вашиот народ, нема да прифатите. Ако некој од вас бара да го смените вашето знаме и да се откажете од идентитетот и потеклото, нема да прифатите. Ако некој постави неограничен број карики и од вас бара да скокате низ сите нив за да стигнете до недостижното, нема да прифатите.

Ова е нешто што ММДЧП (Македонско меѓународно движење за човекови права) го кажува на секоја власт уште од осамостојувањето во 1991 година. И погледнете каде сме сега. Им укажувавме на сите премиери, претседатели и владини претставници дека вештачки наметнатиот спор со името предизвикува хаос во Македонија. Престанете да преговарате за вашето сопствено име и спорот за името сам од себе ќе исчезне. Престанете да се осврнувате кон Западот за решавање на сите проблеми во Македонија, кога токму Западот создаде многу од тие проблеми. Ако Европската Унија и НАТО ви кажат да го смените вековното име и да влезете во коалиција со угнетувачите, во тој случај не дозаглавувајте.

Западот одлучи да интервенира во Македонија и да овозможи коалиција на воени криминалци и политички платеници, затоа што во нив виде про-западна ориентираност. Со други зборови, лица што ќе можат да бидат контролирани. ВМРО, во изминативе 11 години додека се на власт, иако во повеќе наврати подлегнала на барања од Западот кои што биле штетни за Македонија, сепак беше третирана како „националистичка“ затоа што не прифати да се смени името. Што би рекол Сеинфилд, цитирајќи го Супермен, во каков бизарен свет живееме? Дали било која друга држава би се вклучила во вакви разговори? Дали на било која друга држава би и’ се вршел притисок да води вакви разговори? Во изминативе неколку месеци, македонската влада одлучи да му се спротивстави на Западот, односно да ги послуша советите од ММДЧП. Но се чини предоцна. Сега изгледа дека, со помош на САД, судбината на Македонија е во рацете на малцинското население од 10% чија што јавно искажана цел е уништување на Македонија, за атер на Голема Албанија. Бизарно? Повеќе би рекол, патетично.

Македонски политичари, немате вие право да си играте со името на нашата земја и со етничкото потекло на нашиот народ. Сегашните граѓани на државата немаат право да ја менуваат вековната националност. И како што вели кампањата од ММДЧП, „Кој ви даде право да преговарате за нашето име?“

Ви кажавме дека Западот ќе ве третира онака како што вие ќе барате да ве третираат. Ако вие самите не се борите за себе, зарем мислите дека тие ќе се борат? Искористете ја предноста што ја имаат Македонците кои што знаат како размислува Западот и кои што многу пожестоко ја бранат Македонија од било кој политичар што таа го имала некогаш. Нашето име е Македонија и ние сме Македонци. Разбудете се!

Бил Николов, претседател на Македонско меѓународно движење за човекови права

Објавено во The Hill