Летечкиот Иџе на прием во Агенцијата за млади и спорт

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески организираше прием за најдобриот автомобилист во Македонија, победникот од Нирбургринг, Игор Стефановски – Иџе, кој резултатите од последните две трки го внесоа во борбата за европската титула. Лидерот на табелата, Кристјоханес Шрајбер, благодарение на пол позицијата освои три бода на оваа трка, а во двете возења остана без бодови поради дефект. Така тој стигна до 44 бода, Петр Фулин има 43, а Стефановски е трет со 33 бода.

„Сите знаат колку е тешка оваа патека долга 26 километри, практично една голема ридско-брзинска делница, но сепак се вози во круг и користи само дел од новиот автодром за старт и финиш. Патеката е брза и опасна, така што никому не му е сеедно, но ога се е во ред со автомобилот и кога атмосферата во тимот е добра, резултатите секогаш доаѓаат на површина. Ние бевме можеби уплашени дали добро ќе ја завршиме својата работа, но ете испадна дека најдобро од сите сме ја направиле својата домашна задача и се враќаме со два пехари во Македонија. Морам да изразам голема благодарност до секој член поединечно во мојот тим, бидејќи автомобилот беше одлично подготвен за трката и јас добив сериозна шанса за успех благодарение на тоа“, – изјави Стефановски.

Директорот Спасески му честиташе на одличното возење и му посака успех во наредните трки.

„Ние сме млад тим без големо предзнаење и се натпреваруваме со екипи и возачи кои во овој шампионат имаат стекнато и големо знаење, но и умеење да се прилагодат на разни ситуации, на различни патеки. Јас секогаш давам максимум од себе и верувајте дека нема позаинтересиран од мене да биде чекор поблиску до шампионската титула. Тоа е мојот сон, мојата мотивација и желба, за тоа се натпреварувам, но секогаш мора да се гази цврсто на земја бидејќи во оваа работа не оди добро кога паметот ти лета на друго место“, – додаде Стефановски.