Тренеска-Дескоска: Само за заеднички пристап Европа може да се справи со современите безбедносни ризици

Светот се соочува со глобален тероризам, транснационален криминал, употреба на оружје за масовно уништување, религиозен радикализам, илегална миграција, сајбер напади. За жал и настаните во Лондон се уште една потврда за актуелноста на прашањето за безбедноста.

Ова го порача министерот за образование и наука Рената Тренеска Десковска во обраќањето пред учесниците на 8. Научна конференција на тема „Безбедносни концепти и политики – новата генерација ризици и закани“ што во организација на Факултетот за безбедност, Фондацијата „Ханс Зајдел„ и Комората на Република Македонија за приватно обезбедување од вчера се одржува во Охрид.

„Прашањето на глобалната безбедност одново се реактуелизираше во Македонија, изминатите неколку години како резултат на бегалската криза со која се соочи Европа. Со бегалската криза се соочи Европа како континент, а не ЕУ или некоја друга асоцијација на држави во Европа. Станавме свесни за фактот дека европскиот континент е всушност една целина во која сите делови се меѓусебно зависни. Во таква ситуација, на потешкиот начин европските држави сфатија дека само со меѓусебна координација може да се одговори на безбедносните предизвици кои ги донесе бегалската криза“, истакна Тренеска Десковска.

Министерката додаде дека модифицираниот глобален теориризам наметнува потреба од нови стратегии и нови методи за справување со него, во околности кога традиционалните пристапи повеќе не можат да му помогнат на човештвото за надминување на заканите од нов тип.

Тренеска Десковска притоа ја нагласи особената улога на науката во изнаоѓањето решенија за справување со безбедносните ризици.

„Јас верувам дека задача на науката е да предводи, да помогне во осознавањето на ситуациите и врз основа на научните сознанија и методи да понуди решенија. Само решенија добиени низ анализа и научна промисла можат се вистински решенија. Се друго е импровизација,“ рече таа.

Што се однесува на последните терористички напади во Велика Британија, експертите со оценка дека тие се сериозна закана по безбедноста во Европа, но во овој момент во Македонија и во поширокиот регион не постои сериозна закана од таков вид.

Продеканот на Факултетот за безбедност во Скопје Никола Дујовски забележа дека лицата кои ги извршуваат таквите напади се добро етаблирани во Европа, имаат можеби одредени бази и на Балканот, меѓутоа денеска и во блиска иднина не постои посериозна закана дека во регионот би се случиле такви напади, оттаму што регионот сам по себе е мал, малите граници и градови полесно се контролираат, а и самите напаѓачи избираат за цели поголеми градови и економски центри.

Сепак тој потсети на старото правило на потребата од сериозен пристап кон секоја закана, укажувајќи на потребата од реорганизација на безбедносниот систем во државата, особено од аспект на можноста на нов бран мигранти во регионот, како и од сите нови текови што би следеле зависно случувањата на Блискиот Исток.

Марко Ломбарди од Католичкиот универзитет од Милано во врска со актуелните безбедносни ризици во светот нагласи дека тероризмот сам по себе не е толку моќен, но како феномен е доволно способен да ги искористи сите слабости во безбедносниот систем.

„Нужно е да го дефинираме тероризмот во својот политички и социјален апсект. Несомнено тој е најголемата безбедносна во денешницата, а со конфликтот можеме да се справиме само доколку изградиме единствен став кон него. Поради тоа честопати повторувам дека ни преостанува или да дејствуваме заеднички против него и да преживееме како Европејци или да не снема секој поединечно“, порача Ломбарди.

За Садан Инан Рума експерт по политичка економја и безбедност од Универзитет од Истанбул три се главните безбедносни ризици што го засегаат регионот, но истите важат во светски рамки. Првиот е економската безбедност односно стравувањата на луѓето за својата економска егзистенција, потоа физичката безбедност на поединецот во секојдневниот живот загрозена од се почестите теростистички напади и безбедносноста на луѓето од апсект на тоа колку имаат пристап до чист воздух, здрава храна и вода за пиење, работи што порано сме ги земале здраво за готово, а денеска веќе се луксуз во некои делови од светот, рече тој.

Премислав Росулек од Чешкиот универзитет укажа на потребата од разграничување на вистинските безбедносни закани од вештачки креираните безбедносни прашања.

Поаѓајќи од Полска на север од Европа, преку Словачка, Чешка, се до Балканските држави, поточно поширокиот регион на централна и источна Европа е во сериозна криза кога се во прашање придобивките што ги дава либералната демократија. Дел од причините отпаѓаат на проблеми на Унијата како внатрешната криза во ЕУ, „Брегзит“, „Грекзит“, ирационални проблеми како што е прашањето околу името на Република Македонија, но тука е и заканата со која обединета Европа се соочува поради политиката на Москва, која се обидува да ја дезинтегрира, преку некакви пансловенски проекти, православни братства и слично, рече Росулек.

На тридневниот собир во Охрид учествуваат повеќе од 120 професори и експерти по безбедност од 15 земји од целиот свет, кои ќе презентираат стотина научни трудови од областа на реформи во безбедносниот систем, полицијата и науката, геополитиката и интеграциите во безбедноста, криминологијата и кривичното право во функција на безбедноста, криминалистички аспекти на безбедноста, владеењето на правото, демократијата и човековите права.

Научната конференција се очекува да придонесе кон дефинирањето на новата генерација ризици и закани по безбедноста, а преку размена на сознанијата со кои располагаат академската заедница и практичарите да разработи безбедносните концепти, стратегии и политики за справување со тој вид предизвици.