Донација за МВР од Чешката република

Денеска во Министерството за внатрешни работи беше потпишан договор за донација од Владата на Република Чешка за МВР, односно за Одделот за гранични работи и миграции, како и за Секторот за азил. Министерот Оливер Спасовски му се заблагодари на амбасадорот на Република Чешка Н.Е. Мирослав Рамеш за донацијата, како и за помошта добиена во претходниот период.

„Оваа донација на Владата на Република Чешка претставува уште еден исклучително значаен придонес во насока на интензивирање на досегашната извонредна соработка меѓу нашите две земји, но и придонес во остварување на нашата заедничка агенда за безбедни национални и европски граници. Со донацијата од околу еден милион евра, македонската полиција значително ќе ги зајакне своите капацитети во делот на заштитата на државната граница и поефикасното справување со миграцијата и со проблематиките на азилот“, рече министерот Спасовски.

Поголемиот дел од средствата ќе бидат искористени за набавка на моторни возила за засилена заштита на државната граница на Република Македонија, а вториот дел од донацијата во висина од 1.000.000 чешки круни ќе биде наменет за купување на техничка опрема во областа за азил во рамки на проектот реализиран заедно со Канцеларијата на високиот комесаријат на ООН за бегалци.

„Дозволете ми во оваа прилика да истакнам дека досега од страна на Чешката Република нашето МВР во два наврати веќе доби донации во вкупна вредност од околу 940.000 евра во технички средства и теренски возила, а од особена важност за нас се и заедничките, координирани активности во полицискиот надзор на јужна граница на Република Македонија кон соседна Грција. Соработката на македонското и чешкото МВР во овие активности започна минатата година, во која Министерството за внатрешни работи на Чешка Република упати вкупно 214 полициски службеници, додека од почетокот на 2017 година до сега се упатени вкупно 160 чешки полициски службеници. Веќе во понеделник во Република Македонија го очекуваме 11-от контингент полициски службеници кој ќе врши активности за поуспешен надзор на македонско – грчката граница, така што бројот на полициски службеници од Чешка Република од јануари до јули годинава, со пристигнувањето на овој контингент, ќе изнесува 200, па со право може да се заклучи дека во рамките на овој проект Чешката Република е застапена со најголем број полициски службеници коишто заедно со нашите колеги ја надзираат и обезбедуваат јужната граница“, рече министерот Спасовски.

Амбасадорот Рамеш изрази задоволство од соработката со МВР и фактот што неговата земја може да и помогне на Република Македонија во справувањето со проблемот со мигрантите.