Естонија – нов претседавач со ЕУ

Од 1 јули Естонија го презеде ротационото претседавање со Европската Унија. Во овој период беше предвидено Велика Британија да биде на чело на ЕУ, но поради „Брегзит“, во наредните шест месеци таа функција ќе ја врши Естонија.

Оваа балтичка земја своето претседателство ќе го води под мотото „Единство преку рамнотежа“, односно нејзината улога ќе биде да пронајде рамнотежа меѓу различните ставови, традиции и интереси во Европа, сè во интерес на европските граѓани.

Како главни приоритети во програмата за естонското претседавање се наведени 4 точки: отворена и иновативна европска економија; сигурна и заштитена Европа; дигитална Европа со слободен проток на информации и инклузивна и одржлива Европа.

Како лидер во дигиталната технологија на Стариот континент, Естонија ќе го искористи своето претседавање за промовирање на процесите на дигитализација во Унијата.

Инаку, во првата половина од годинава претседавач со ЕУ беше Малта, а по Естонија, од стартот на 2018 година, таа улога ќе ѝ припадне на Бугарија.