Честитка од претседателот Иванов по повод Денот на независноста на САД

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до претседателот на Соединетите Американски Држави, г. Доналд Трамп, по повод Денот на независноста на Соединетите Американски Држави.

„Почитуван господине Претседателе,

По повод Денот на независноста на Соединетите Американски Држави, ми претставува особена чест и големо задоволство, во мое лично име и во името на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам најсрдечни честитки и искрени желби за севкупниот просперитет на Вашата пријателска држава, како и за благосостојба на американскиот народ.

Воедно, би сакал да ја искажам својата длабока увереност дека во претстојниот период нашите билатерални односи и понатаму ќе се развиваат со уште посилна динамика, отворен и конструктивен дијалог на заемно разбирање и доверба, како и поцврсти и поинтензивни економски релации.

Заложбите за полноправно членство на Република Македонија во НАТО Алијансата и евроатлантските интегративни процеси се фокусните точки на нашето континуирано политичко дејствување, за чие остварување очекуваме и во иднина отворена поддршка од страна на пријателските Соединети Американски Држави. Господине Претседателе и во оваа пригода сакам да потенцирам дека Република Македонија високо ја цени улогата на Соединетите Американски Држави на глобален план, и сакам да Ве уверам дека целосно сме посветени на зацврстување и на содржинско збогатување на стратегиското партнерство со Вашата голема нација. Бидете уверени дека сме подготвени за тесна и конструктивна соработка на тој план.

Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам, господине Претседателе, изразите на моето највисоко почитување.“