Започна 56то издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри

Со сплет на македонски песни и ора, синоќа, на летната сцена „Долни Сарај“, ансамблот „Танец“ го отвори 56. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри. Балканскиот фестивал е една од најстарите фолклорни манифестации на Балканот и најпрепознатлив настан во културната понуда на Охрид.

На присутните добре дојде им посака заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев.

„Колоритот на носиите, песната, играта и јазикот на многу народи, деновиве ќе не разгалуваат и ќе создаваат амбиент во кој растреперуваат срцата и се будат сите човекови сетила.Таквото суптилно преплетување на културните вредности ќе го почуствуваат и бројните домашни , а посебно странските туристи од речиси сите страни на светот, кои престојуваат во Охрид. Балканскиот фестивал на народни песни и игри е нашиот вечен трезор во кого грижливо се чуваат богатствата на песнопојната и играорната традиција, не само на македонскиот, туку и на многу други народи. Тие, фолклорни реткости со генерации се пренесувале од колено на колено, се преплетувале и надополнувале и правеле вистински филиграни кои им одолевале и им оддолеваат на сите притисоци на современото живеење“, рече заменик градоналачникот, Ангел Јанев.

Балканскиот фестивал на народни песни и игри за отворен го прогласи покровителот, претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери.

Наредните денови на летната сцена ќе настапат ансамблите од Македонија, Австралија, Албанија, Грција, Србија и Бугарија. Свеченото затворање на фестивалот е на 9 јули.