Честитка од претседателот Иванов по повод Националниот празник на Француската Република

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Денот на Бастиља, Националниот празник на Француската Република, упати честитка до г. Емануел Макрон, претседател на Француската Република.

Почитуван господине Претседателе,

По повод Денот на Бастиља, националниот празник на Француската Република, го имам задоволството, во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име, да Ви упатам најискрени честитки и желби за просперитет на пријателска Франција.

Во овие свечени моменти за Вас и вашата држава, би сакал да го реафирмирам интересот на Република Македонија за натамошно продлабочување на севкупните односи и соработка меѓу нашите две пријателски држави. Искрено се надевам дека позитивната динамика во односите од последниве години, пропратена со конзистентен политички дијалог и збогатена соработка во одредени сфери, ќе продолжи и ќе се проширува во периодот пред нас, и ќе добива на квалитет и содржина.

За Република Македонија од особено значење e француската поддршка на нашите цели, членството во НАТО и во Европската унија. Улогата на Франција како искрен поддржувач на перспективите за евроатлантска интеграција на мојата земја, како и досега, и во иднина за нас ќе биде од исклучително значење.

Честитајќи Ви го уште еднаш националниот празник, Ве молам, господине Претседателе, да ги примите изразите на моето највисоко почитување.