Објавена програмата на 29та Поетска ноќ во Велестово

Дваесет и деветтото издание на Поетската ноќ во Велестово ќе се одржи од 21 до 23 јули на локации во Велестово и Охрид.

На манифестацијата ќе учествуваат десеттина поети, музичари и уметници од земјава и странство. Програмата ќе се одвива според следниов редослед:

Во петок (21 јули) во 21:00 часот ќе биде одржан Џез концерт на бендот Караванија, Поетски портрет на поетот Ристо Василевски, а ќе биде отворена и изложба на академскиот сликар Емил Шулајковски.

Во сабота (22 јули) е предвидено гостување на Отвореното студио во Арт поинт Гумно во Слоештица и читање поезија, а во недела (23 јули) промоција на книгата „16 бугарски поети“ со настап на гостите од Бугарија, Владимир Левчев, Аксинија Михајлова, Роман Кисјов, Ани и Илков и Поли Муканова.

Во рамки на манифестацијата, а во соработка со издавачката куќа ПНВ Публикации и МАНУ на 28 јули ќе се одржи промоција на проект книгата „Извештаи на Рисот“ од Славе Ѓорѓо Димоски и Сергеј Андреевски. Исто така, во соработка со издавачката куќа ПНВ Публикации во текот на летото во Охрид ќе бидат организирани и прoмоции на делата „Доилката“ од Лилјана Пандева и „Ништо не е недостижно“ од Зоран Јакимоски.

И оваа година покровители на манифестацијата се Министерството за култура на Република Македонија, Општина Охрид и Комерцијална банка.