Општина Охрид со реакција на соопштението на ОО на СДСМ Охрид

Во врска со денешното соопштение на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид. Во неа стои:

„Навистина е тешко да се пишува реакција на соопштение до јавност кое е полно со паушализам, неточни и непроверени информации, начин на работа кој што е препознатлив белег на СДСМ Охрид. Да не знае човек дали ваквото однесување е повеќе трагично или комично. Веројатно многу е посилна потребата да се прикрие сопствената немоќ за преземање на централната власт, а со тоа и преземање на одговорноста пред граѓаните, што мораат вака преку брзоплети соопштенија да се обидуваат да ја дефокусираат јавноста. Охриѓани знаат дека познавањето на законите и ингеренциите им се слаба страна но овој пат се надминаа себе си: ги критикуваат состојбите на сообраќајот кои се директна и единствена надлежност на СВР Охрид која сега веќе е предводена од кадри на СДСМ. Сообраќајниот режим е доставен до СВР Охрид која е единствена надлежна институција да се грижи и да ги санкционира сите оние кои истиот го прекршуваат.

Иако мислите дека граѓаните го заборавиле Вашето владеење со Охрид и поставувањето на тезги и диви шанкови на секое ќоше од градот, очигледно многу се лажете и живеете во заблуда. За разлика од Вас оваа локална самоуправа презема директни координирани акции против сите оние кои се обидуваат на диво да постават тезги обидувајќи се во целост да ја спроведе зацртаната програма за поставување на урбана опрема.

Во секое Ваше соопштение читаме една иста реченица која не е важно дали е во контекст на кажаното сепак ја употребувате. Зборувате за некаква продажба на парцели по багателна цена?

Почитувани граѓани, шампионите за губење на земјиште низ чудни и нетранспарентни постапки, сето тоа надополнето со чудни постапки за експропријација си дозволуваат да зборуваат за некој друг. Тоа се истите оние кои Охрид го оставија без земјиштето кај старата автобуска станица, просторот кај градскиот полигон, зградата од старото училиште Св. Сава и многу други. А многу добро знаат дека постои само еден факт: оваа локална самоуправа спровела само три постапки за отуѓување на градежно земјиште на кое се гради новата автобуска станица, при крај е постапката за почнување на градба на старечкиот дом, а третата парцела е продадена по историски највисока цена од сите аукции за продажба на земјиште во Република Македонија.

Кога веќе сме кај фактите и за чистотата во градот срамота е да се обидува некој да ја критикува оваа локална самоуправа која единствена го поднови возниот парк на ЈП Охридски комуналец со нови возила и континуирано вложува во изградба и поставување на контињери насекаде во градот. Незаборавајте дека од Вашето владеење со Охрид спомен е депонијата Мауцкер, а главна реформа пропратена со силна медиумска кампања беше поставувањето на пластични кеси низ јавните површини во градот.

Убаво е и сакаме да се прави ревизија на секое работење и немаме ништо против таа да биде или домашна или меѓународна. Но претходно е добро да ги прочитате ревизорските извештаи за периодот кога вие го водевте Охрид и да се уверите што се сте правеле на штета на граѓаните на Охрид.“– стои во реакцијата.