СДСМ: Стариот дел од градот се соочува со невиден метеж и застој во сообраќајот

ОО на СДСМ Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„И оваа летна сезона во Охрид минува низ истиот хаос и деорганизација како и во изминатите четири години под владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, годинава хаосот, нередот и метежот, се уште поочигледни и поголеми бидејќи локалната власт не донесе летен сообраќаен режим со кој ќе се регулира сообраќајот во стариот дел од градот.

Поради тоа, стариот дел од градот се соочува со невиден метеж и застој во сообраќајот. Наместо автентичниот дел од градот да биде пријатно место за уживање и прошетка за туристите, слично како и претходните години, тој претставува целосно нефункционален дел од Охрид. Автомобилите се паркираат на пешачки зони, по тротоари и на улица, а граѓаните и туристите постојано се изложени на потенцијална опасност од сообраќајот кој во овој период не смее да се одвива во стариот дел на градот или истиот треба да биде строго ограничен.

И покрај бројните апели на туристите и граѓаните на Охрид, Никола Бакрачески и локалната власт се уште ја игнорираат ваквата грда слика на македонскиот туристички бисер. Дополнително, туристите и граѓаните се соочуваат со катастрофална патна инфраструктура до и во градот, како и преполни контејнери со ѓубре кои Комуналец не ги празни редовно или пак тоа го прави за време на сообраќајниот шпиц.

Кога Бакрачески ја презеде власта во Охрид, ветуваше дека од Охрид ќе направи претпознатливо монденско место. Денес, четири години подоцна, локалната власт предводена од Бакрачески е заинтересирана само за продажба на општински парцели по багателна цена, додека во Охрид се случува хаос и неорганизираност. Наместо град на културата, Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ го претворија Охрид во панаѓур на кичот и гласната музика од која до раните утрински часови без сон остануваат и охриѓани и туристите.

Охрид и граѓаните не заслужуваат ваква локална власт која мисли само на сопствените интереси додека градот се гуши во смет и сообраќаен метеж. Затоа, веќе оваа есен, граѓаните на Охрид ќе ги добијат промените кои ги заслужуваат. Новата локална власт предводена од СДСМ ќе го врати сјајот на Охрид, ќе направи темелна ревизија на досегашната работа на локалната власт, а за секоја активност спротивна на законот ќе мора да има одговорност.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Охрид.